Volvo го претстави новиот целосно електричен XC40 Recharge

Volvo го претстави своето прво целосно електрично возило – новото Volvo XC40 Recharge! До 2025 година се очекува дека овој бренд ќе се пофали со тоа што 50 проценти од вкупната продажба ќе бидат токму електрични возила. Овој модел, воедно го најавува претставувањето на суб брендот на Volvo – со име Recharge, кој ќе биде задолжен за електричните возила во иднина. Може да очекуваме уште дополнителни 5 електрични модели да се појават во следните 5 години.

Електричниот XC40 се приклучува на гамата мали SUV возила каде што веќе постојат верзии од истиот модел со бензински, дизелски и plug-in хибрид погони. Volvo XC40 Recharge е придвижуван од 78kWh батерија лоцирана под подот на возилото. Оваа батерија придвижува два електрични мотори на секоја оска со што се добива погон на сите четири тркала. Двата мотори произведуваат вкупно 407 коњски сили и 660Nm вртежен момент. Сето ова е доволно за овој автомобил да забрза до 100 км/ч за 4.9 секунди. Со целосно полна батерија, се очекува да помине околу 400 километри. Целосното полнење на батеријата во домашни услови ќе трае нешто помалку од 8 часа, додека на fast charger би се наполнила од 0-80 проценти за 40 минути.

Визуелно, надворешноста е иста како и кај другите верзии од овој модел. Дискретни промени има во решетката на предниот дел и додаденото лого “Recharge” на целосно црниот Ц столб. Во внатрешноста новитет е infotainment системот кој има Android оперативен систем, како и новиот дизајн на дигиталната инструмент табла.

Од Volvo најавија дека ќе понудат финансиски олеснувања за да ги поттикнат потрошувачите да го купат овој модел, но сеуште нема конкретни информации за деталите на оваа понуда. Во исчекување на голема побарувачка, Volvo ги зголемува своите капацитети за производство.