Во салонот на Peugeot пристигна Plug-in хибридниот 3008 Hybrid

Пристигна Plug-in хибридната верзија на популарниот семеен SUV на Peugeot, моделот 3008 Hybrid GT.

Примерокот кој е пристигнат во салонот на Peugeot во Скопје е послабата хибридна верзија. Под хаубата се наоѓа 1.6-литарски PureTech турбо-бензински мотор кој испорачува 180 коњски сили, а исто така напред е поставен и електромотор кој испорачува 110 коњски сили. Вкупната системска моќност изнесува 225 коњски сили и 360 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на предните тркала преку 8-степен автоматски менувач, а ова овозможува забрзување од 0 до 100 километри на час за 8.9 секунди и максимална брзина од 225 километри на час. Батеријата во 3008 Hybrid е со капацитет од 13.2 kWh и овозможува само на електрична енергија да се поминат 56 километри (според WLTP). Инаку, за батеријата има гаранција од 8 години или изминати 160.000 километри.

Помоќната верзија, моделот 3008 Hybrid4 испорачува 300 коњски сили, погон на сите четири тркала и малку поголема автономија.

3008 пред извесно време доби и освежување, а направени се визуелни промени на надворешноста и внатрешноста, како и промени во механиката.

Обновениот модел доби комплетно нов преден дел – frameless предна решетка, редизајнирани LED фарови(стандардни во сите изведби) и комплетно нов преден браник. На задниот дел, исто така променет е браникот, а поставени се и нови редизајнирани LED светла во форма на лавовски канџи.

Кабината не е премногу сменета и сега добива 12.3-инчна целосно дигитална инструмент табла, на горниот дел од централната конзола поставен е 10-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој има подобра резолуција од претходно и е со најновиот интерфејс на Peugeot. Под дисплејот има 7 „пијано копчиња“ кои овозможуваат брз пристап до одредени функции. Ми се допаѓа и светлата комбинација во внатрешноста на конкретниот модел кој вклучува седишта во комбинација на алкантара и кожа, како и делови на контролната табла обложени во алкантара.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Peugeot каде што ќе може и да го видите 3008 Hybrid!