Во салонот на Kia го забележав новиот освежен Rio во врвната GT-Line спортска изведба.
Надворешноста на Rio GT-Line е инспирирана од моќните GT модели на Kia и добива различен дизајн во споредба со стандардните изведби. Предниот браник е со интегрирани LED светла за магла кои имаат многу интересна форма и придонесуваат за поагресивниот лик, отворот за воздух е во сјајна црна боја со уникатни елементи и на долниот дел од браникот е поставен мини-сплитер во сјајна црна боја. Од страните се поставени дополнителни спортски додатоци на праговите во сјајна црна боја, додека капачињата на ретровизорите, исто така, се во сјајна црна боја. Понатаму, изведбата GT-Line е опремена стандардно со нови LED светла, создавајќи карактеристичен потпис на моделот. Задниот дел има поистакнат заден браник кој се разликува од другите изведби, а истиот е дополнет со мини-дифузер и две вистински цевки за издувот – овој детал заслужува пофалба! Надворешноста ја комплетираат 17-инчни алуминиумски бандажи кои се добиваат исклучиво во оваа изведба.
Во внатрешноста нема некои драстични промени, но сепак се поставени по некои спортски елементи. Кокпитот добива облога со карбон ефект, што е уникатно само за GT-Line изведбата. Седиштата се со зајакнати страници и се во комбинација од црна ткаенина и кожа со контрастни шевови во бело, понатаму во внатрешноста се наоѓа и различен волан обложен со перфорирана кожа и рамно дно каде стои GT-Line ознаката. Во центарот на контролната табла се наоѓа 8-инчен дисплеј за инфо-забавниот систем што ја подобрува поврзаноста и контролата на возилото. Системот им овозможува на корисниците да поврзат мобилен уред преку конекција со Apple CarPlay и Android Auto, а се добива и вграден навигациски систем.
Конкретниот модел кој е достапен во салонот на Kia Macedonia e опремен со 1.0 литарскиот T- GDi мотор кој располага со 100 коњски сили и 172 Nm вртежен момент при 1500-4000 вртежи во минута, додека силата се пренесува преку 7-степен DCT автоматски менувач.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia.
























