Викендов се возеше второто натпреварување од Twingo Cup на патеката „Slovakia Ring“

Второто натпреварување во рамки на „Твинго купот“ почна викендов со првата трка на „Словакиа ринг“ крај Братислава, Словачка. Вториот интернационален предизвик за возачите на „АКК Рено Спорт“ донесе интереска трка и многу возбудувања. Македонските натпреварувачи имаа солиден настап со тоа што најдобро пласиран на првата трка беше Владимир Тренески, кој го освои 11-тото место. Веднаш зад него финишираше Ангелче Стојковски, додека трет меѓу нашите возачи беше Емил Нацка со освоеното 16-то место. Овие тројца натпреварувачи беа најдобри во рамки на домашниот шампионат и се искачија на победничкиот подиум. Од останатите возачи, Милан Ѓорѓевиќ беше 17-ти, а зад него целта ја мина Давид Малинковски. Зоран Мираковски беше 20-ти, а Ненад Костовски финишираше на 24-тото место.

За одбележување е одличното возење на Малинковски, кој заедно со Тренески, тимски се пробија кон водечката група „твинговци“ на стартот на трката. Малинковски во еден момент успеа да стигне и до третото место, но во петиот круг на правецот по стартната целна рамнина имаше контакт со еден од ривалите по што излета од патеката. Мартин Костовски исто така имаше контакт со Михајло Миленковиќ, по што двајцата завршија во песокот крај патеката и не ја завршија трката.

Ангелче Стојковски со денешното второ место и освоените 15 бодови изби на првото место во генералниот пласман во домашниот шампионат со 42 бода.

Победник на првата трка беше Ник Стефанчич од Словенија, за кого ова беше втор триумф сезонава во рамки на „Твинго Купот“, кој се бодува и за FIA CEZ. Лука Глазер финишираше како втор, додека третото место го освои Том А. Груенфелд.

Давид Малинковски го освои петтото место на втората трка на „Словакиа ринг“, во рамки на FIA CEZ натпреварувањето во Твинго Купот. Тој воедно беше и најдобропласиран од македонските возачи, додека Владимир Тренески беше седми, односно втор во бодувањето за домашниот шампионат, а Мартин Костовски заврши десетти или трет меѓу Македонците.

Малинковски возеше фантастична трка и веднаш по стартот успеа да се пробие до четвртата позиција. На некаде 10 минути до крајот на трката, нашиот возач дури успеа и да го преземе водството. Тој постојано беше при врвот во групата од осум автомобили, кои постојано се менуваа на првите неколку позиции. Во финишот, Малинковски падна до седмата позција, но во последните неколку свиоци Младеновиќ и Ивануша имаа контакт по што излетаа од патеката, а Малинковски го запечати петтото место на трката.

Лука Глазер на крајот во фото-финиш мина прв низ целта, пред вчерашниот победник Ник Стефанчич и Урбан Јеловчан.

Останатите наши натпреварувачи, Ангелче Стојковски заврши на 15-место, Емил Нацка беше 18-ти, Зоран Мираковски на 20-место, а Ненад Костовски беше 22-ро место. Милан Ѓорѓевиќ успеа да комплетира само два круга пред да излезе од патеката.