Yaris GR беше еден од најголемите хитови во изминатите 18 месеци, нудејќи вистински спортски перформанси во компактен, практичен и релативно достапен автомобил. Но, креаторот на автомобилот, дивизијата Gazoo Racing, сега уште повеќе го усоврши „baby“ хот-хечот за да го создаде GRMN Yaris.
Претставен на автосалонот во Токио кој е фокусиран на тјунингот, GRMN Yaris го презема веќе екстремниот GR Yaris и воведува мноштво надградби. Трицилиндарскиот турбо мотор на автомобилот ја има истата моќност од 270 коњски сили како порано, и има само мало зголемување на вртежниот момент (од 370 Nm на 390 Nm), но има голем број механички измени на други места кои би требало да го направат автомобилот значително различен за возење на пат и на тркачка патека.
Менувачот на автомобилот е изменет, со поблиски соодноси и понизок финален погон – и променети материјали во внатрешноста на менувачот за да му се даде дополнителна сила во долните брзини. Дополнително, Torsen диференцијалите на GR Yaris (предни и задни) се заменети со механички limited-slip диференцијали.
Вистински карбон (CFRP) се користи за хаубата, покривот и задниот спојлер – а Gazoo, исто така, целосно ги отстрани задните седишта. Овој голем компромис за практичност придонесува за вкупна заштеда на тежина од околу 20 килограми во споредба со обичниот GR Yaris.
Новиот автомобил седи малку пониско од претходно (за околу 10 мм) за да помогне во намалувањето на центарот на гравитација, а има уште 545 други места кои се дополнително заварувани и дополнително структурирани за да се направи телото да биде поцврсто.
Gazoo тврди дека GR – еволуирал во автомобил што може да се вози побрзо и со повеќе мир на умот, со подобрена сила на сопирање, подобрен грип, како и подобро однесување во свиоци и следење на перформансите.
GRMN Yaris ќе се нуди само во Јапонија, и тоа во навистина мал број. На претставувањето Gazoo објави дека можноста да се нарача автомобилот ќе биде достапна само преку лотарија. Вкупно ќе бидат понудени само 500 примероци, а цената може да достигне до 8.467.000 јени – или нешто повеќе од 64.000 евра – доколку се избере Circuit Pack како опција. Ќе биде достапен на само 50 примероци од целокупното производство и носи мат сива боја, ексклузивни BBS 18-инчни алуминиумски тркала, Bilstein прилагодливи амортизери, поголем карбон спојлер и специјални странични прагови.
Ќе биде достапен и Rally Pack кој вклучува „roll-bar“, различни спецификации на амортизерите, заштита на подвозјето и отстранување на поекстремните елементи од каросеријата на автомобилот.
Gazoo вели дека сопствениците на GRMN Yaris ќе добијат дополнителни делови и софтверски надградби како дел од новата „програма за персонализација“ која е дизајнирана да биде двонасочен процес на комуникација што може да биде взаемна корист за сите сопственици и производителот.
















