Следниот GTI Fest на Volkswagen ќе биде во Wolfsburg

Volkswagen го носи легендарниот GTI Fest од езерото Wörthersee во иднината: од 2024 година, тој ќе се одржува во срцето на марката, односно во Wolfsburg. Во близина на фабриката на Volkswagen, настанот „GTI Coming Home“ ќе ги пречека ентузијастите и љубителите на спортските модели на Volkswagen. 

„Нашите GTI фанови се од големо значење за Volkswagen и затоа размената со нив ни е многу драга“, вели Imelda Labbé, член на Управниот одбор за продажба, маркетинг и после продажба на Volkswagen патнички автомобили. „Од оваа причина , откако за жал беше откажан GTI Fest на езерото Wörthersee, решивме прилично брзо да и понудиме на заедницата на обожаватели на GTI еден нов дом за овој настан во Wolfsburg. При планирањето на настанот сакаме да ги земеме предвид и идеите на фановите, бидејќи тоа пред се треба да биде средба за нив. Според тоа, сигурно ќе можеме да понудиме некои моменти и изненадувања во наредната година“.

GTI – овие три букви значат спорт, емоции и динамика речиси половина век. Заедницата на GTI  ширум светот продолжува да расте до денес, а фановите на култниот бренд редовно се среќаваат во клубовите и разменуваат информации меѓу себе во посветени заедници. Од 1982 година, најголемиот GTI Meet традиционално се одржува на езерото Wörthersee во Австрија – но локалната општина Maria Wörth неодамна донесе одлука дека повеќе не сака да биде домаќин на овој настан во иднина.

Volkswagen одлучи да ја продолжи оваа традиција во Wolfsburg од следната година. Покрај презентациите на возилата и клубските собири, ќе има и многу други интересни настани и изненадувања за ентузијастите на GTI. Областите и инфраструктурата во Wolfsburg нудат идеални предуслови за пречек на голем број посетители со нивните возила. Под мотото „Coming Home“, Volkswagen ќе ја направи локацијата Wolfsburg нов дом на заедницата на фанови на GTI.