Skoda Superb доби фејслифт и plug-in hybrid погон

Skoda Superb доби мало освежување со што малку е променет надворешниот дизајн, во ентериерот добива нови технологии и сега е достапна со plug-in hybrid погон.
Надворешниот дизајн вклучува нови LED Matrix фарови, преработена е предната решетка за ладилникот и има нов преден браник.Променети се и задните светла и сега има нови хромирани детали на вратата од багажникот.Внатре промените се минимални и како опција сега достапна е дигитална инструмент табла како и најновиот infotainment систем на VW Групацијата.

Најбитната новост за новиот Superb е тоа што добива plug-in hybrid технологија. Оваа изведба го добива името Superb iV, а го користи истиот мотор како и Volkswagen Passat GTE – 1.4-литарски TSI бензински мотор заедно со електромотор кој е монтиран на менувачот и 13kWh батерија, вкупната моќност е 218 коњски сили, а само на електрична енергија може да поминете околу 55 километри.
Приклучокот за полнење е интегриран во решетката на ладилникот, а батеријата исто така може да се наполни преку бензинскиот мотор или преку зачувување на енергијата при сопирање.Хибридниот Superb iV има три режими на возење.Во спортски режим заедно работат и батеријата и бензинскиот мотор за максимална излезна моќност, испорачувајќи 218 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, додека Е-mode работи само на електрична енергија. Хибридниот режим е стандардното подесување и самиот систем ги комбинира електричниот мотор и моторот со внатрешно согорување.

Другите изведби на Superb ги добиваат истите мотори како и Passat, три бензински и три дизел мотори.Моделите со послаби мотори стандардно ќе доаѓаат со шест-брзински мануелен менувач, додека најмоќните верзии ќе бидат опремени со автоматски 7-степен DSG менувач и погон на сите четири тркала.
Понудата започнува со 1.5-литарскиот турбо-бензински мотор со 150 коњски сили и 250Nm вртежен момент, следен е 2.0-литарскиот турбо-бензински мотор кој доаѓа во две изведби, со 190 и 270 коњски сили и стандардно се опремени со DSG менувач, а појаката верзија е и со погон на сите четири тркала.Додека понудата на дизел мотори започнува со 1.6-литарскиот TDI со 120 коњски сили кој е достапен само со DSG менувач и преден погон.Достапни се и два 2.0-литарски TDI мотори со 150 или 190 коњски сили, за послабиот мотор може да одберете мануелен или DSG менувач, додека појакиот е достапен само со DSG менувач и можност да одберете погон на предните или на сите четири тркала.

Уште една важна новост е тоа што за прв пат до сега Superb добива Scout изведба!
Како и Octavia Scout, надворешноста добива малку поразличен SUV изглед, повисока суспензија, 18-инчни бандажи, специјална заштита за подвозјето и малку различен ентериер.Исто така, купувачите можат да ја одберат екслузивната Tangerine Orange металик боја која е достапна само за овој модел.
Во понудата ќе бидат достапни само два мотори- 2.0-литарскиот TDI дизел со 190 коњски сили и 2.0-литарскиот TSI турбо-бензински со 270 коњски сили, а стандардно доаѓаат со 7-степен автоматски менувач и погон на сите четири тркала.

Новиот модел на Skoda Superb се очекува да започне со продажба при крајот на оваа 2019 година.