Škoda го проширува своето RS семејство со уште еден целосно електричен модел – Enyaq RS iV. Исто како и Enyaq Coupe RS iV, за придвижување се задолжени два електро мотори со вкупна системска моќност од 295 коњски сили и погон на сите четири тркала. Благодарение на исклучителниот коефициент на отпор од 0,265 cw, Enyaq RS iV има опсег од над 500 километри (според WLTP циклусот).
Динамичниот изглед на Enyaq RS iV, со спортска суспензија како стандард, големи тркала од 20 или 21-инчи и карактеристични RS детали, го прави веднаш препознатлив како RS модел. Со максимална брзина од 180 км/ч, тој е за 20 км/ч побрз од другите модели на Enyaq iV, како и купе варијантата. Автомобилот спринтува од 0 до 100 км/ч за 6.5 секунди и може да се пофали со максимален вртежен момент од 460 Nm, кој е достапен од нула, како што е типично за електрично возило. Неговата батерија од 82 kWh, високата енергетска ефикасност и коефициентот на отпор од cw 0,265 му даваат на моделот максимален опсег со полна батерија од над 500 километри. Додека благодарение на максималната моќност на полнење од 135 kW, литиум-јонската високонапонска батерија од 82 kWh на Enyaq RS iV може да се наполни од 10% до 80% за само 36 минути на станиците за брзо полнење.
Enyaq RS iV има особено динамична надворешност со бројни детали специфични за RS – рамката на предната решетката е во високо-сјајна црна боја, како и рамките на прозорците, надворешните ретровизори и задниот дифузер. Страничните прагови се обоени во бојата на каросеријата, а црвениот рефлектор на задниот дел се протега низ целата ширина на возилото – карактеристичен детал за сите RS модели. Стандардно добива и LED Matrix фарови и целосно LED задни светла, кој создаваат анимиран ефект за добредојде.
Внатрешноста, која е претежно во црна боја, се карактеризира со спортски амбиент типичен за серијата RS. Сеопфатната стандардна опрема на Enyaq RS iV вклучува украсни облоги од карбон на контролната табла и панелите на вратите, како и алуминиумски педали и загревани спортски седишта со интегрирани потпирачи за глава, кои го носат логото RS. Тука е и LED амбиенталното осветлување кое исто така ги осветлува контролната табла и панелите на вратите, како и Phone Box за индуктивно полнење на паметни телефони. До багажникот од 585 литри може лесно да се пристапи благодарение на фабрички вградената електрична задна врата со виртуелна педала. Црните стандардни седишта од серијата Lounge се обложени со микрофибер Suedia и имаат контрастни шевови во зелена боја. Контрастните шевови во иста боја се исто така прикажани на спортскиот кожен волан и на контролната табла. Опционалниот Design Selection RS Suite пакет нуди црн перфориран кожен тапацир за седиштата и контрастни шевови. Контролната табла со овој пакет има завршница од кожа со контрастни шевови.
Семејството Enyaq iV го има најголемиот централен дисплеј моментално достапен во понудата на Škoda, кој е со големина од 13 инчи. Екраните се приспособливи и може да се контролираат преку допир, преку гестови или со помош на онлајн дигиталниот гласовен асистент Laura, која разбира 15 јазици. Додадено на ова е 5.3-инчен дигитален инструмент кластер, кој прикажува информации за брзината, податоци за возењето, навигацијата и системите за помош. Прикажаните податоци, како и бројните функции на возилото и системите за помош, може да се контролираат и преку мултифункционалниот волан. Опционалниот head-up дисплеј со проширена реалност проектира дополнителни информации во видното поле на возачот. Дополнително, аудио системот CANTON со дванаесет звучници и дигитален еквилајзер е достапен како опција за создавање на извонреден звучен свет.
Центарот на гравитација во Enyaq RS iV е многу низок благодарение на батеријата што е поставена во долниот дел од каросеријата. Ова, во комбинација со спортската суспензија и прогресивното управување, овозможува особено динамично управување. Додека адаптивната контрола на шасијата (DCC) е достапна како опција. Изборот на режим на возење ги нуди претходно дефинираните профили Eco, Comfort, Normal и Sport, додека возачот може и да ги приспособи поставките на сопствените преференци. Enyaq RS iV нуди и дополнителен возен профил Traction. Ова е идеално за возење по неасфалтирани патишта или лизгави површини, нудејќи постојан погон на сите тркала при брзина до 20 км/ч.








