Шпанската марка SEAT го претстави својот прв електричен автомобил – новото Mii.
Во споредба со веќе постоечкото Seat Mii ќе има неколку измени како што се: нови 16 инчни бандажи, нова инструмент табла, кожен волан и ново амбиентално осветлување. Стандардната опрема ќе содржи LED дневни светла, паркинг сензори, спортски седишта и пакет од безбедносни системи вклучувајќи ги lane assist и traffic sign recognition.
Освен визуелните промени кои ги има, главната промена е во погонот на ова возило. За придвижување се задолжени 36.8kWh батерии и електричен мотор кој произведува 82 коњски сили и 212Nm torque со што забрзувањето од 0-100 km/h изнесува 7.6 секунди. Максималното растојание кое ќе може да се помине со полни батерии е 257km при максимална брзина од 130 km/h.
Овој автомобил е доста практичен бидејќи батеријата од 0 до 80 проценти (приклучена на “fast charger”) се полни за само 1 час. Доколку се приклучи на конвенционален полнач кој е стандарден за секое домаќинство, за целосно полнење на батеријата би биле потребни 4 часа.
Новиот Mii electric ќе биде првиот модел на SEAT кој ќе биде понуден со SEAT CONNECT, кој овозможува сопствениците да ги гледаат податоците за возењето, статусот на батеријата и локација, како и да ги контролираат светлата, клима уредот и можност да го заклучуваат/отклучуваат својот автомобил преку мобилна апликација. SEAT најави дека по претставувањето на овој модел на пазарот оваа есен, ќе го запре производството на досегашното SEAT Mii кое е со мотор со внатрешно согорување. Исто така SEAT даде ветување дека ова возило ќе биде едно од ценовно најпристапните електрични возила на пазарот.
SEAT Mii е само најава за палетата на електрични возила кои ќе бидат претставени од страна на овој Шпански бренд. Во иднина се очекуваат plug-in hybrid верзии од идната генерација на Seat Leon, како и спортските модели – Cupra Formentor и Cupra Leon.






