Fiat неодамна ги освежи сите модели од семејството 500, па така со новата моделска година сега се добиваат многу нови работи за подобар изглед на екстериерот, ентериерот како и поставување на нови технологии.
500X сега добива нови нивоа на опременост, нови бои, освежен ентериер и голем број на нови работи кои се достапни како дополнителна опрема. Секое ниво на опременост е со свои специфични естетски карактеристики и опрема, за дополнително зајакнување на карактеристиките на моделот. Основното ниво е Cult кое сега добива малку повеќе стандардна опрема, следно е Connect и на врвот е верзијата Sport. Како што кажува и името, Sport моделите добиваат голем број на измени како и на екстериерот, така и во ентериерот. Се добиваат различни спортски браници, 19-инчни алуминиумски бандажи, специјални бои, спортски седишта и многу други детали што допринесуваат за еден поспортски изглед.
Освежениот 500X и понатаму е достапен со добро познатите турбо-бензински и дизел мотори кои ги исполнуваат најновите Euro 6D норми. Кај бензинците понудата започнува со 1.0-литарскиот GSE со 120 коњски сили и 6-степен мануелен менувач, следен е 1.3-литарскиот GSE со 150 коњски сили и 6-степен автоматски менувач. Доколку сакате дизел, достапен е само еден 1.6-литарски МЈЕТ мотор кој располага со 130 коњски сили и доаѓа со 6-степен мануелен менувач.
Конкретниот модел од фотографиите е во основното Cult ниво на опременост кое вклучува мануелен клима уред, 17-инчни алуминиумски бандажи, 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, задни паркинг сензори, електрична паркинг кочница, темпомат, препознавање на знаци, задни светла со LED технологија и многу, многу друго.
Цената на основниот модел со 1.0-литарски мотор изнесува 18.490 евра. Повеќе информации може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Fiat.




















