Најновата петта генерација на SUV моделот Kia Sportage пристигна во Македонија пред само неколку месеци, а за тоа време стана вистински хит меѓу купувачите. Сега, во салонот на Kia Македонија пристигна и првиот примерок на Sportage во спортската GT-Line изведба.
Од надвор, GT-Line верзијата од другите верзии се разликува по тоа што добива различни (секако поспортски) браници, различни прагови, уникатни 19-инчни алуминиумски бандажи и долните делови од браниците тука се во боја на каросерија. А може да се забележат и детали во сјајно црна, како и сребрена боја. Различен е и дизајнот на предната маска, а поставени се и неколку GT-Line ознаки, односно на предната маска и на вратата од багажникот. Сите овие промени придонесуваат за многу подинамичен и поатрактивен изглед, особено во оваа „Infra Red“ металик боја ќе ги собира погледите на минувачите каде и да поминете.
Внатрешноста, исто така добива низа измени во споредба со другите верзии. Како најважни ќе ги издвојам кожните седишта со специјален дизајн и GT-Line ознаки, спортскиот волан со рамно дно и GT-Line ознака, како и насекаде во кабината може да се забележат контрастни бели шевови. Исто така, покривот е во црна боја, а се добива и огромен панорамски сончев кров. Двата големи екрани – едниот за возачот и едниот за инфозабавниот систем се вклучени во стандардната опрема, но во оваа верзија се добива и феноменален Harman/Kardon аудио систем со 7 звучници и subwoofer.
GT-Line верзијата е достапна само со два мотори – односно, 1.6-литарски T-GDi MHEV бензинец со 180 коњски сили кој е впарен исклучиво со 7-степен DCT автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Вториот достапен мотор е 1.6-литарскиот CRDi MHEV дизел кој испорачува 136 коњски сили, а исто како и кај бензинецот впарен е исклучиво со автоматски менувач и погон на сите четири тркала.
Бидејќи GT-Line е врвната изведба на Sportage, листата на стандардна опрема е навистина долга, а како најважно ќе издвојам: Систем за избегнување фронтален удар, систем за избегнување удар при паркирање назад, одржување на возилото во лента, систем за избегнување на слепа точка, 360 степени паркинг камери, автоматски клима уред, 12.3-инчен екран за инфозабавниот систем, дигитална инструмент табла со екран од 12.3-инчи, Harman/Kardon аудио систем, кожни седишта со греење напред и назад, електрично подесување на возачко седиште со меморија, предни адаптивни LED светла, задни LED светла, 19-инчни алуминиумски бандажи, кровни носачи во црна боја и многу друго…
Конкретниот модел е со 1.6-литарскиот бензински мотор и цената за оваа верзија изнесува 39.900 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia Македонија.






















