Пристигна новата фејслифт верзија на Volkswagen Polo

Volkswagen неодамна ја освежи шесттата генерација на популарното Polo, а новиот модел е веќе достапен во салонот на Porsche Македонија. Освежениот Volkswagen Polo добива нов редизајниран изглед, голем број на нови технологии кои за прв пат се достапни во овој сегмент и редизајнирана внатрешност.

Што се однесува до надворешноста, новиот модел има редизајниран преден дел кој вклучува нов преден браник и нови фарови. Како опција се достапни и Full LED IQ.Light светла, а како и кај Golf, така и Polo ја добива светлосната лента која се протега до централно поставената VW значка. На задниот дел, Polo добива задна врата со нова ознака – името Polo се поместува под VW значката. Исто така, редизајнирани се и LED-задните светла, со нова форма инспирирана од осмата генерација на Golf. Опционалните верзии на овие нови задни светла доаѓаат со динамични трепкачи – овој вид на осветлување до сега беше достапен само кај поскапите модели на брендот.

Има неколку промени и во внатрешноста – секоја верзија стандардно доаѓа со дигитална инструмент табла која има 8-инчен дисплеј или 10,25-инчен доколку се стави опционалниот Digital Cockpit Pro. Добива и нов управувач, како во новиот Golf. Исто така, има значително ажурирање на контролите за греење и вентилација – физичките копчиња поставени на долниот дел од централната конзола се заменети со панел чувствителен на допир, а за да ја прилагодите температурата треба да „лизгате“ со прстот. Сепак, ова го има само кај моделите со автоматски клима уред, основното ниво на опрема (како моделот на фотографиите) ги задржува физичките контроли и тркалца. Во долниот дел, има две USB-C порти, додека како опција може да се постави и безжичен полнач за полнење на паметни телефони. Што се однесува до инфозабавните системи, 8.0-инчните и 9.2-инчните екрани на Volkswagen доаѓаат со Volkswagen We Connect поврзување (информации за сообраќајот во реално време и пренос на музика во живо), додека безжичните Apple CarPlay и Android Auto се исто така вклучени.

Полуавтономната помош при возење доаѓа во Polo за прв пат, со усвојувањето на функцијата Travel Assist достапна во најновите Golf и Passat. IQ Drive Travel Assist, како што се нарекува, може да го преземе забрзувањето, сопирањето и управувањето на Polo, „од место“ кај моделите со автоматски менувач и од 30 км/ч кај моделите со мануелен менувач, сè до максималната брзина на возилото. Ова е комбинација од помош за задржување на лентата и новото предвидливо поставување на адаптивниот темпомат, сепак возачот мора постојано да ги држи рацете на воланот.

Освежениот модел е достапен само со 1.0-литарски бензински мотори. Понудата започнува со атмосферскиот MPi кој располага со 80 коњски сили и 5-степен мануелен менувач, следен е TSI моторот со 95 коњски сили и стандарден 5-степен мануелен менувач, додека како опција може да се земе и DSG автоматски менувач. На врвот на понудата е истиот овој TSI мотор, но со 110 коњски сили и стандардно опремен со DSG менувач.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volkswagen.