Пристигна и новиот фејслифт Jaguar E-pace

Заедно со поголемиот F-Pace, во салонот на Automobili Group пристигна и освежениот E-Pace. Промените вклучуваат нов надворешен дизајн, нова кабина и сега е достапна и Plug-in Hybrid верзија.

Однадвор, фејлифтираниот E-Pace се карактеризира со редизајниран преден браник, нова решетка за ладилникот и редизајнирани LED предни светла кои го имаат најновиот светлосен потпис на Jaguar – „Double J“. На задниот дел, поставен е нов браник заедно со редизајнираните LED светла кои се инспирирани од целосно електричниот I-Pace.

Измените во кабината вклучуваат нов селектор за брзини, нови поквалитетни материјали околу целата контролна табла и преобликуван централен тунел кој овозможува повеќе простор за нозете на возачот. На централната конзола, E-Pace добива нов 11,4-инчен екран на допир за инфо-забавниот систем кој доаѓа со најновиот Pivi Pro софтвер на JLR. Менито е едноставно и лесно за употреба, а „over-the-air“ ажурирања се стандардни во сите модели. Централниот екран е спарен со нова 12,3-инчна дигитална инструмент табла.

Освежената понуда на мотори вклучува три дизели, три бензинци и Plug-in Hybrid верзија. Дизел-опсегот користи 2.0-литарски четирицилиндарски мотор кој е достапен со или без mild-hybrid систем. Основната верзија располага со 163 коњски сили, шестстепен мануелен менувач и погон на предните тркала. Доколку додадете погон на сите четири тркала и деветстепен автоматски менувач, моторот е поткрепен со интегриран стартер-генератор од 48 волти и компактен пакет на литиум-јонски батерии. Појаката верзија располага со 204 коњски сили, погон на сите четири тркала и деветстепен автоматски менувач.

Кај бензинците, исто така, достапен е 2.0-литарски мотор со 200, 249 и 300 коњски сили. Сите три верзии стандардно се опремени со деветстепен автоматски менувач, погон на сите четири тркала и mild-hybrid систем. Што се однесува до Plug-in Hybrid верзијата, под хаубата се наоѓа 1.5-литарски турбо бензински трицилиндарски мотор со 200 коњски сили кој управува со предните тркала, а на задната оска е поставен електромотор со 109 коњски сили и пакет литиум-јонски батерии од 15kWh. Вкупната системска моќност изнесува 309 коњски сили и 540 Nm вртежен момент.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Automobili Group.