Претставени новите Audi S6 и S7!

До пред некој период, Audi S-моделите беа познати по нивните големи V8 мотори, дури и во некои случаеви атмосферска V10ка во Audi S6. Но времето се менува и намалувањето на кубикажата е нешто со кое што треба сите да се прилагодиме.

Претпоставувавме дека турбо-бензински V6 ќе биде моторот кој ќе го видиме во новите модели, но тоа нема да биде така барем во Европа. S6 и S7 на европскиот пазар добиваат 3-литарски V6 турбо-дизел со 350 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, додека на останатите пазари ќе се користи 2.9 литарски турбо V6 бензинец со 450 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Користејќи електричен компресор, поддржан од 48-волтен хибриден систем, турбо-компресорот добива помош кога му е најмногу потребно, како на пример кога сакате нагло забрзување со ниски вртежи на моторот. Резултатот е елиминација на турбо-лаг и забрзување од 0-100 км/ч за точно 5 секунди кај S6 седан, додека S6 Avant и S7 Sportback за 5.1 секунда. Сите модели се електронски ограничени до 250 км/ч.

Погонот на четири тркала е подесен со 40:60 однос напред-назад, но во некои случаеви има можност да префрли до 85% од вртежниот момент на задните тркала, или пак до 70% на предните. Како опција ќе биде понудено управувањето со четири тркала, каде што под 50 км/ч задните тркалта се вртат во обратна насока од предните за полесно маневрирање во град, а над 50км/ч минимално се насочуваат во иста насока за зголемена стабилност на автопат. Исто така адаптивна воздушна суспензија доаѓа во стандардна опрема и ја намалува висината на S6 за 10мм, а кај S7 за 20мм.

Од надвор, новите модели добиваат поагресивни предни браници, нови дифузери со четирите издувни цевки и 20-инчи тркала, а во кабината имате опција помеѓу кожни спортски седишта или мешавина од кожа и алкантара, двете опции понудени во црна, црвена или сива боја.