Porsche го претстави новиот Macan T

Porsche лансираше нова варијанта на SUV моделот Macan наречена Macan T – „lightweight“ верзија која е фокусирана на возачот. Macan T го користи 2.0-литарскиот турбо-бензинец од стандардниот Macan кој испорачува 265 коњски сили. Покрај ова, Macan T има нова суспензија дизајнирана да понуди поголема прецизност и агилност од кој било претходен теренец на Porsche.

Како дел од T пакетот пристигнуваат бројни надворешни измени, вклучувајќи металик сиви акценти на предниот браник, ретровизорите, страничните прагови и спојлерот на покривот. Значките исто така добиваат сива нијанса, додека издувните цевки и опкружувањето на страничните прозорци се обоени во сјајна црна боја. Изгледот го заокружуваат 20-инчни темно сиви титаниумски бандажи, позајмени од Macan S.

Внатре, стандардните спортски седишта се обложени со црн кожен тапацир и елементи од Sport-Tex, а на потпирачите за глава е испишано Porsche. Сребрените шевови ги издвојуваат седиштата, потпирачите за глава и воланот кој е во GT верзија. Sport Chrono часовникот се наоѓа на врвот на контролната табла, а вградени се и уникатни црни „Macan T“ плочи на праговите. Инфозабавниот систем е непроменет – Macan T го задржува истиот екран на допир од 10.9 инчи со PCM софтверот на Porsche, кој стандардно вклучува сателитска навигација.

Porsche се одлучи да го стави 2.0-литарскиот турбо бензинец од стандардниот Macan, бидејќи заштедува 58,8 килограми во однос на 2.9-литарскиот V6 вграден во Macan S. Тука произведува 265 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, обезбедувајќи време од 0 до 100 км/ч за 6,2 секунди и максимална брзина од 230 км/ч. Што е уште поважно, со намалувањетона килограми под хаубата, Macan T треба да биде подобар и позабавен за возење низ своицо од моделите со V6 мотор, особено кога се комбинира со ревидираните поставки на шасијата на автомобилот.

Macan T е стандардно опремен со PASM адаптивни амортизери и челични пружини, со воздушна суспензија достапна како опција. Каросеријата е спуштена за 15 мм, а воздушната суспензија обезбедува дополнителен пад од 10 мм, додека поцврстиот преден anti-roll бар треба да обезбеди пореспонзивно вртење. Силата се испраќа до сите четири тркала преку седум-степен PDK менувач, а Macan T има сетап кој силата ја пренесува повеќе на задните тркала што резултира со позабавно возење. А како опција достапен е рекалибриран Porsche Torque Vectoring Plus систем.