Porsche ги претстави новите 718 Style Edition модели

Двата модели на Porsche со средно поставен мотор отсекогаш се залагале за совршена комбинација на уживање во возењето и секојдневна практичност. Со Style Edition верзиите, Porsche сега претставува ексклузивна варијанта за клиентите кои придаваат особено значење на впечатливиот дизајн на своето возило. Ова е особено видливо во изборот на надворешната Ruby Star Neo боја, која дава модерна интерпретација на Ruby Star на легендарната Porsche 911 Carrera RS од 964 генерацијата.

Дури и ако клиентите на Porsche одберат некоја друга боја за Style Edition моделите, тие јасно се разликуваат од останатите модели. На пример, стандардно доаѓаат со 20-инчни 718 Spyder тркала во високо-сјајна црна боја, а капаците на главината на тркалата се со обоено Porsche лого. Style Edition е препознатлив и по црните спортски издувни цевки и натписот „Porsche“ во сребрена боја со висок сјај на задниот дел. На 718 Boxster Style Edition, буквите „Boxster“ врежани над страничните прозорци се додаваат на мекиот покрив како ексклузивна етикета.

Клиентите можат да изберат помеѓу два контрастни пакети 718 Style Edition без доплата: едниот е црн, а другиот е бел. И двата вклучуваат украсни ленти на капакот на багажниот простор напред и украсни натписи „Porsche“ од страните, како и црна или бела боја за тркалата и ознаките на моделите одзади. Во внатрешноста, моделите Style Edition имаат кожен пакет во црна боја, вклучувајќи контрастни шевови во сива боја, осветлени панели на праговите и Porsche лого на потпирачите за глава.

718 Boxster и Cayman Style Edition се извонредно добро опремени: Bi Xenon фарови со LED дневни светла, ParkAssist, вклучувајќи камера за заден преглед, Apple CarPlay, темпомат, автоматско затемнување на надворешните и внатрешните ретровизори вклучувајќи и сензор за дожд, загреан мултифункционален волан, загреани седишта, двозонска автоматска контрола на климата, патосници со контрастни шевови и кожен пакет во црна боја со контрастни шевови се дел од стандардната опрема. И двата модели може дополнително да се надградат со широк опсег на дополнителни опции.

Во однос на погонот и шасијата, моделите Style Edition не се разликуваат еден од друг. И двата автомобили се засноваат на основните верзии на 718 Boxster и 718 Cayman и испорачуваат 300 коњски сили од 2.0-литарски турбо боксер мотор. Стандардно доаѓаат со 6-степен мануелен менувач кој овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 5.1 секунди, додека како опција достапен е и PDK автоматски менувач кој го намалува тоа време на 4.7 секунди. Без оглед на избраниот менувач, максимална брзина која може да ја постигнат изнесува 275 км/ч.