Помалку од една година по презентацијата на концептот Peugeot 9X8 и само пет месеци по првиот тест на патеката на автомобилот, Team Peugeot TotalEnergies го претставија својот возбудлив нов тркачки автомобил. Пионерскиот хибриден електричен хиперавтомобил со погон на четири тркала е подготвен да го има своето натпреварувачко деби во јули во четвртиот круг од World Endurance Championship (FIA WEC) 2022 година во Монца, Италија.
9X8 ќе остане верен на својот концепт, а најголемиот шок е изоставувањето на задното крило. И покрај екстремната природа на 9X8, има некои дизајнерски елементи преземени од нормалните модели на Peugeot што ги гледаме и на улица. Тука е познатиот потпис на фаровите со „три канџи“, а внатре француската марка се обиде да го повтори изгледот на распоредот на контролната табла, односно „i-Cockpit“ концептот.
9X8 е наследник на 905 од раните деведесетти и 908 од доцните 2000-ти, а и двата автомобили победија на Ле Ман. Коментирајќи го препознатливиот стил на автомобилот, директорот за дизајн на Peugeot, Matthias Hossan, рече: „Бидејќи 9X8 е Peugeot, оригиналната скица што ја водеше нашата работа прикажа голема мачка подготвена да се нафрли – став што го предложивме со благо навалената пилотска кабина нанапред. Целокупните линии ги изразуваат стилските знаци на брендот, додека неговите елегантни форми инспирираат емоции и динамика“.
Под каросеријата, 9X8 е придвижуван од 2.6-литарски твин-турбо V6 мотор, кој произведува 697 коњски сили кој е комбиниран со електричен мотор од 268 коњски сили, поставен на предната оска. Моторот со внатрешно согорување ги придвижува задните тркала преку седумстепен секвенционален менувач.
Тркачкиот автомобил ќе го видиме за прв пат на 6 Hours of Monza трката на 10 јули, додека следната година ќе се натпреварува и во новата Hybrid класа на Le Mans!



