Peugeot 508 и 3008 добија Plug-in Hybrid изведба

Peugeot го следи трендот на воведување хибрид возила во понудата и тоа со најава на два нови модели – 3008 и 508 Plug-in Hybrid. Најавено е дека хибридниот 3008 ќе се појави на пазарот следната година на пролет, додека 508 PHEV ќе пристигне на почетокот на 2020.

Peugeot 3008 Hybrid ќе биде придвижуван од 1.6-литарски четирицилиндарски бензински мотор спарен со пар електрични мотори и батерија од 13.2kWh. Бензинскиот мотор ќе биде задолжен за пренесување сила до предните тркала преку 8 степен автоматски менувач, додека електричните мотори поставени на секоја оска ќе бидат одговорни да ги придвижат задните тркала со што се добива електричен погон на сите четири тркала.

Вкупната сила од комбинираниот бензински и двата електрични мотори изнесува 300 коњски сили, со што ќе го придвижува 3008 до 100 километри на час за 5,9 секунди. Peugeot тврди дека овој автомобил може да помине 58 километри само со помош на електричните мотори, CO2 емисии од 29g/km и завидна потрошувачка – 1.30 литри/100км според моменталните WLTP тестирања. Вклучете го 3008 во 7.4kW полнач, и тој ќе биде наполнет “до врв” за 1 час и 45 минути. Важно е да се напомене дека со додавањето на електричните мотори, нема никакво нарушување во внатрешниот простор и просторот во багажникот. Оваа верзија на 3008 ќе може да се нарача само во GT изведба.

Овој автомобил во иднина ќе биде достапен и во уште една варијанта од 225 коњски сили и погон само на предната оска. Всушност, тоа е истиот бензински мотор, но само со еден електричен мотор (нема дополнителен електричен мотор на задната оска).

Peugeot 508 и 508 SW хибридите ќе го користат истиот погон од помалку моќниот 3008 PHEV. Двата модели ќе бидат со вградени батерии со помал капацитет – 11.8kWh со што се намалува и растојанието кое ќе може да се помине само со помош на електричниот мотор – 48 километри.