Панорама: Jeep Compass S

Ова е освежената верзија на тековната генерација на моделот Compass, а конкретниот модел за кој накратко ќе зборуваме денес е врвнатa S верзија.

Однадвор, оваа верзија се разликува од другите верзии по тоа што добива малку поспортски детали. Предниот и задниот браник се различни и се целосно во боја на каросеријата, страничните панели околу крилата исто така се во исто боја како каросеријата (наместо црни), а спортскиот изглед го заокружуваат сивите 19-инчни бандажи кои се обвиени во Michelin Pilot Sport 4 пневматици. Голем фан сум и на оваа сина металик боја во комбинација со контрастниот црн покрив – едноставно изгледа прекрасно.

Внатрешноста е исто со малку различни детали од другите верзии – вклучително, кожни седишта, елементи од контролната табла обвиени во кожа со контрастни бели шевови. На централниот дел сега се наоѓа и новиот 10.1-инчен екран за инфозабавниот систем кој вклучува и вграден навигациски систем, а исто така и пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла која е со иста големина како и централниот екран. Дополнително, конкретниот модел е опремен и со Alpine аудио систем, 360 степени камери, систем за следење на мртва точка и многу системи за асистенција на возачот.

Под хаубата на конкретниот модел се наоѓа 1.3-литарски турбо бензинец кој испорачува 150 коњски сили и 270 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува на предните тркала преку 6-степен DCT автоматски менувач, а ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 9.2 секунди и максимална брзина од 200 км/ч.

Освен овој мотор, достапен е 1.3-литарски со 130 коњски сили, две Plug-in Hybrid верзии со 190 и со 240 коњски сили, како и 1.6-литарски дизел со 130 коњски сили.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Jeep.