Ова е новиот Mercedes-Benz GLC Coupe

Mercedes-Benz денеска го претстави новиот GLC Coupe кој се придружува на линијата на популарниот SUV модел – и изгледа токму онака како што и замислувате. Прекршувањето на докажаните рецепти не е добра идеја. Германците тоа многу добро го знаат и со години претставуваат една еволуција во клучните модели. Пример за тоа е и новиот GLC Coupe.

Новиот Mercedes GLC Coupe покажува дека нема смисла драстично да се променува нешто што функционира. Теоретски, брендот од Штутгарт размислува да се откаже од вакви модели во иднина. Досега, сепак, има уште многу купувачи за овој тип на автомобили, а „спортскиот теренец“ привлекува многу луѓе во салоните. Затоа GLC Coupe се враќа во втората генерација – и изгледа многу познато, што е и добра работа.

Можеме да одиме директно од Б столбот, бидејќи предниот дел не е воопшто променет во споредба со стандардната верзија на GLC. Само на половина пат низ автомобилот линијата на покривот почнува да се спушта надолу за да го формира карактеристичниот заден дел. Неверојатно е колку овој Coupe SUV сегмент стана популарен во изминативе неколку години…

Втората генерација на GLC Coupe доби малку различни задни светла, слични на оние од GLE Coupe. Спуштената линија на покривот придонесува и за коефициент на отпор од 0,27 Cd. Во споредба со стандардниот GLC, оваа нова Coupe изведба нуди малку помал багажен капацитет, односно 544 литри, што сепак е доста добар резултат. Сепак, вреди да се напомене дека не може да се натовари „до горе“, бидејќи задното стакло е границата.

Во кабината сè друго е превземено директно од стандардниот GLC. Така, овде добиваме модерен и атрактивен ентериер, со најновиот MBUX систем во главната улога. Екранот од 11,9 инчи, поставен во портрет ориентација, е команден центар за сите функции на автомобилот. Стандардно се добива и целосно дигитална инструмент табла, како и неколку прекинувачи на панелот кои се на допир, вклучително и читач за отпечаток од прсти.

Mercedes GLC Coupe добива и разумен опсег на погонски единици. Палетата на бензински мотори вклучува верзии со 204 и 258 коњски сили од 2.0-литарски турбо мотор. Клучни ќе бидат и дизелите – 220d и 300d, кои исто така користат 2.0-литарски мотор со 197 и 269 коњски сили, соодветно. Сите верзии доаѓаат со автоматски менувач и 4Matic погон на сите четири тркала. 

Наскоро, понудата ќе ја надополнат и plug-in хибридните верзии, а шлагот на тортата ќе биде AMG верзијата. Исто како и C-Class, спортската верзија ќе биде plug-in хибрид и ќе го замени V8 моторот со 2.0-литарски четирицилиндарски бензинец, познат од AMG A-Class.