Новото RS 3 Perfomance Edition лимитирано издание е најспортскиот компактен модел од Audi Sport, брз и вистински уличен уметник. Развиен за максимални перформанси, покрај добро познатите врвни технологии како што се RS Torque Splitter и керамичките сопирачки, добива и цела низа ексклузивни елементи на дизајнот.
RS 3 Performance edition е помоќен и побрз од која било претходна верзија на RS 3. Ова е првото возило во својот сегмент што постигнува максимална брзина од 300 км/ч и со тоа 10 км/ч повеќе отколку стандардната верзија со RS Dynamics Package plus. Дополнително, наградуваниот петцилиндричен турбо мотор со својот карактеристичен звук, сега испорачува 407 коњски сили. Максималниот вртежен момент од 500 Nm сега е достапен за 100 вртежи подолго, помеѓу 2.250 и 5.700 вртежи во минута. Ова се постигнува преку поголем притисок на полнење – големиот турбополнач генерира 1,6 бари, што е плус од 0,1 бари. Моќта се пренесува преку 7-степен S tronic менувач со двојна спојка. Краткото време на менување брзини без прекин на тракцијата, спортскиот однос на менувачот и launch control опцијата обезбедуваат врвни перформанси во возењето. Оваа верзија на RS 3 забрзува од 0 до 100 км/ч за импресивни 3.8 секунди.
Моќта е надополнета со непогрешливиот и емотивен звук на петцилиндричниот мотор со неговата карактеристична 1-2-4-5-3 секвенца на работење. Стандардниот спортски издувен систем RS со модифициран централен придушувач и сјајно црни, овални завршетоци на издувот даваат спортски, робустен звук однадвор. Целосно променливата контрола на клапните на издувниот систем, која го проширува звучниот спектар, е малку прилагодена за оваа изведба на RS 3 – во режимите Dynamic, RS Performance и RS Torque Rear, клапните на издувниот систем дополнително се отвораат кога автомобилот е во мирување, што го прави звукот уште поприсутен.
RS 3 Performance edition се одликува со спортска RS суспензија со адаптивна контрола на амортизерите како стандардна опрема. Континуирано и индивидуално го прилагодува секој амортизер според условите на патот, ситуацијата на возење и режимот избран во Audi drive select. Електромагнетно активираните вентили, кои го регулираат протокот на хидрауличната течност, ја обезбедуваат потребната количина на амортизирачка моќност во рок од десет милисекунди од точниот момент што го бара ситуацијата при возењето. За да се направи ова, сензорите го мерат вертикалното забрзување на телото и движењето на поединечните тркала. Овие информации се обработуваат истовремено во контролната единица на амортизерите и модуларниот контролер за динамика на возилото, што значи дека секое поединечно тркало оптимално ги носи перформансите на автомобилот на патот. Ова вклучува поддршка на каросеријата при брзи свиоци, како и сопирање и забрзување.
Со RS Torque Splitter, оваа изведба на RS 3 користи технологија која, од една страна, ја зголемува стабилноста – на пример при влажни услови – и од друга страна, ја зголемува агилноста и го намалува подуправувањето при динамично возење. Ова се постигнува преку две електронски контролирани спојки со повеќе плочи кои активно го распределуваат погонскиот вртежен момент со целосна варијабилност помеѓу задните тркала. Максимум 50% од погонската моќ е насочена кон задната оска – во режимот RS Torque Rear, целиот погонски вртежен момент наназад се пренесува на тркалото од надворешната страна на кривината. Во комбинација со RS Performance Mode, Torque Splitter го распределува вртежниот момент помеѓу задните тркала на таков начин што речиси неутралното управување се постигнува со мало подуправување и надуправување, обезбедувајќи оптимални перформанси на тркачката патека.
RS 3 Performance Edition користи semi-slick Pirelli P Zero „Trofeo R“ пневматици како стандардна опрема – 265/35 на предната оска, 245/35 на задната. Во согласност со нивните карактеристики, овие пневматици се монтирани на лиени алуминиумски тркала со специјален дизајн на моторспортот. 19-инчните бандажи во темно сива мат боја, ексклузивно достапни на специјалниот модел, имаат впечатлив дизајн со десет вкрстени краци и го прикажуваат брендот RS.
Оваа верзија е достапна и во неколку специјални бои, а тоа се: Nogaro Blue, Arrow Gray, Daytona Gray, Sebring Black Crystal Effect и Glacier White Metallic.
Специјалниот модел ја покажува својата ексклузивност и во внатрешноста. За прв пат во RS 3, спортски bucket седишта се достапни како стандардна опрема, обезбедувајќи извонредна странична поддршка за време на динамичните свиоци. Централниот панел на седиштата има и контрастни сини саќе шевови, а материјалот што се користи за ова е Dinamica микрофибер ткаенина, која е комбинирана со бисерна Nappa кожа на страничните делови. Покрај сините сигурносни појаси, контрастните шевови на централниот потпирач, на потпирачите за раце на вратите и на воланот се исто така во сина боја. Истото се однесува и на патосниците и на багажникот во црна Velour боја, кои исто така имаат RS букви. За подобра ориентација при спортско возење, воланот од алкантара има ознака за „12 часот“ – исто така во сина боја.
RS 3 Performance Edition е ограничено на само 300 примероци. Моделот може да се нарача по цени (во Германија) кои започнуваат од 75.000 евра за Sportback изведбата и 77.000 евра за Sedan изведбата.
















