На официјален настан одржан во ресторанот Рагуза 360, вчера вечер беа свечено доделени наградите од четвртото издание на Изборот за Најпосакуван Автомобил во Македонија – „Златно Тркало“.
Златно Тркало претставува уникатен начин за избор на најпосакуваниот автомобил кај нас, преку гласање на целата јавност во Македонија која има пристап до интернет и социјалните мрежи. Целиот избор започна кон крајот на минатата годината, по што се формираше листата за гласање во месец февруари оваа година.
Финалистите беа поделени во 3 категории и се избираше меѓу 8 автомобили. Повеќе од 40 објави на порталите и стотици содржини на социјалните медиуми, над 100.000 прегледи и повеќе од 45.000 следбеници… креираа 12.875 гласања на официјалната страница www.zlatnotrkalo.mk, и се добија 3 победници. Изборот е инициран од најстариот автомобилски медиум Авто Плус, а во него во функција на организатори и презентери на моделите се јавуваат Авто Плус, CARclub, Cars by Vik, RPM и БизнисИнфо.
Во категоријата Најпосакуван семеен автомобил со 30,49 проценти од гласовите е избран Toyota Corolla Cross, а наградата ја прими Г – ѓа Ана Трајковска – маркетинг менаџер во Тојота Авто Центар.
Во категоријата Најпосакуван премиум автомобил со 35,64 проценти од гласовите е избран Alfa Romeo Tonale, Г-ѓа Ана Бураку – Генерален директор на Аутомобиле СК.
А, Главната награда за Најпосакуван автомобил во Македонија за 2023 година, ја понесе – Peugeot 408, кој освои 30,62 проценти од гласовите.
Плакетата ја предаде Претсеадтелот на Златно Тркало и главен и одговорен уредник на Авто Плус – Влатко Кошевалиски, а наградата ја прими Ивана Манчева Михајловска – Заменик Извршен директор и маркетинг директор во Еуроимпекс.
Оваа година за прв пат воведуваме едно признание, плакета која ќе ја добијат македонци кои оставаа траг во автомобилската индустрија во светот и оваа мала наша држава ја ставаат на глобалната мапа.
Славче Таневски – дизајнер кој веќе 10 години е дел од главниот тим дизајнери на Mercedes-Benz и потпишува повеќе од 3 негови дизајни, ја доби плакетата Златно Тркало – за Особен придонес во промоциjа на Македониjа во светската автомобиска индустриjа.
Гласањето на централниот сајт www.zlatnotrkalo.mk започна на 15 Март и траеше до крајот на месецот и сите имаа можност да дадат глас за својот фаворит во сите 3 категории. Победниците беа објавени на 3ти Април, а вчера вечер (вторник 11.04) беа доделени признанијата.


















