Во салонот на Мак АутоСтар пристигнаа новите освежени GLE и GLE Coupe. Нема никаква голема револуција, но автомобилите добија неколку подобрувања, а некои верзии сега се помоќни и поефикасни.
Што се однесува до надворешниот изглед, промените не се револуционерни, а многу од нив тешко се гледаат на прв поглед. Сепак, дизајнот на овие модели веќе беше навистина интересен, па воопшто не е чудно што Mercedes се одлучи да направи само суптилни промени. Предниот дел добива ново обликуван браник и нови LED фарови со променета графика, додека на задниот дел поставени се LED светла со нова графика и суптилно е променет долниот дел од задниот браник. Достапни се и неколку нови опции, како и неколку нови бои за надворешноста и збогатен избор на тркала.
Внатре во кабината на новиот GLE наоѓаме стандарден пакет на промени. Ова вклучува нов волан со команди кои сега се на допир. На листата на опции се појави и хромирана завршница на отворите за воздух. Покрај тоа, малку е освежена понудата на украсни панели и тапацири. На овој автомобил дебитира и најновата верзија на MBUX софтверот. Тука се и двата големи екрани од 12.3-инчи, едниот е наменет за возачот, а другиот за инфозабавниот систем. Една од поинтересните новости е системот за планирање патувања со приколка. Со внесување на неговите податоци ќе добиеме рута во навигацијата која ги зема предвид димензиите и текот на патот.
Во однос на понудата на мотори, остануваат добро познатите бензински и дизел мотори, но сега сите се електрифицирани со 48V mild-hybrid систем. Кај дизелите, понудата започнува со GLE 300d кој користи 2.0-литарски мотор и испорачува 269 коњски сили и 550 Nm вртежен момент. Следен е GLE 450d кој користи 3.0-литарски мотор и испорачува 367 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Кај бензинците, достапен е само GLE 450 кој користи 3.0-литарски мотор и испорачува 381 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Сите верзии на GLE стандардно се опремени со 4Matic систем за погон на сите четири тркала и 9-степен автоматски менувач.
Достапни се и Plug-in хибридни погони, односно еден бензински и еден дизел. Бензинската верзија е новост во понудата и го носи името GLE 400e – тука работи 2.0-литарски мотор со 252 коњски сили и електромотор со 136 коњски сили. Вкупната моќност изнесува 375 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Поставена е и нова батерија со капацитет од 31.2 kWh што пак овозможува досег само на струја од 92 до 105 километри. Дизел Plug-in хибридниот погон го носи името GLE 350de и тука работи 2.0-литарски мотор со 197 коњски сили и електромотор со исто 136 коњски сили. Вкупната моќност кај оваа верзија изнесува 328 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Батеријата е со иста големина како и кај бензинската верзија и тука овозможува сличен досег само на струја од 89 до 105 километри.
Исто така ажуриран е и off-road режимот. Благодарение на новите амортизери, автомобилот може да се крене уште повисоко, а камерите можат да создадат виртуелна слика на места скриени од каросеријата.
Новите GLE и GLE Coupe се веќе изложени во салонот на Мак АутоСтар, а повеќе информации за автомобилите може да најдете ТУКА.































