Новиот Toyota Yaris пристигна во Македонија

Четвртата генерација на популарниот Yaris пристигна во салонот на Toyota во Скопје!

Новиот модел носи многу новости со себе, а една од нив е тоа што овој модел е поставен на новата модуларна TNGA платформа. Напредните активни и пасивни системи за безбедност кои се вградени во автомобилот го прават да биде еден од најбезбедните модели во класата.

Надворешниот дизајн на новиот Yaris е поагресивен и многу поатрактивен од претходно. На предниот дел се наоѓа голема решетка и тенки предни светла, а спортскиот стил на браникот го прави предниот дел доста широк и агресивен. Страничниот дел е исполнет со динамични линии, додека на задниот дел светлата влечат инспирација од моделот C-HR и придонесуваат за широк и уникатен изглед. Има промени и во димензиите на возилото, вкупната должина е намалена за 5мм, но меѓуоскиното растојание е зголемено за 50мм со што сега има повеќе простор на задните седишта.

Внатрешноста е многу помодерна во споредба со претходниот модел, а и голем дел од материјалите сега се поквалитетни. Како и во сите нови автомобили, така и во Yaris, физичките копчиња скоро и да ги нема, а едноставниот и чист дизајн ја прави внатрешноста доста поелегантна. На горниот дел од централната конзола вниманието го привлекува големиот дисплеј за инфозабавниот систем, кој е стандард во сите модели. Пред возачот се наоѓа конвенционална инструмент табла со дисплеј во средината. Седењето сега е пониско со што се добива подобро чувство зад управувачот.

Новиот Yaris е достапен со неколку бензински мотори, а секако во понудата е достапна и хибридна изведба. Основниот мотор е 1.0-литарски атмосферец со 72 коњски сили и 5-степен мануелен менувач, а следен е 1.5-литарскиот мотор со 125 коњски сили кој е достапен со 6-степен мануелен менувач, како и со автоматски менувач. На врвот на понудата се наоѓа хибридниот модел кој користи 1.5-литарски мотор и електромотор за вкупна системска моќ од 116 коњски сили, овој мотор доаѓа ексклузивно само со e-CVT менувач.

Достапни се 8 нивоа на опременост, а почетната цена за Toyota Yaris Light 1.0 72 изнесува 13.490 евра. Моделот од фотографиите е во високото CHIC BiTON ниво на опременост и е хибриден модел, а цената за конкретниот модел изнесува 19.790 евра.

Повеќе информации може да најдете ТУКА или да го посетите Toyota Авто Центарот каде што ќе може и да го видите новиот Yaris.