Најмалиот автомобил во понудата на Toyota, новиот Aygo X отсега е достапен и на македонскиот пазар!
Во време кога ваквите мали градски автомобили полека, но сигурно исчезнуваат од гамата на повеќето автомобилски производители, Toyota го докажува спротивното и верува дека има иднина во овој нов градски автомобил.
„X“ во името на моделот се изговара всушност „Cross“, а името на автомобилот е дизајнирано да одрази драматично преиспитување на неговиот каросериски стил. Ова е и првото Aygo кое е поставено на TNGA-B платформата која се користи за Yaris и Yaris Cross. Овој потег, исто така, и овозможи на јапонската марка да го направи автомобилот поширок, да го прошири меѓуоскиното растојание и да го направи целиот автомобил повисок. Се со цел за да го создаде она што е веројатно првиот вистински „градски кросовер“. Целокупниот профил на Aygo X навистина се држи до оној на концептот Prologue што беше објавен минатата година. Автомобилот е долг 3.700 мм, што е зголемување за 235 мм од моделот во заминување. Меѓуоскиното растојание е зголемено за 90 мм, а вкупната ширина се зголемува за 125 мм, заедно со до 45 мм повеќе простор за патниците на предните седиштата.
Храбрата изведба со двобојна каросерија кај Aygo X, заедно со новиот концепт на „зачинети бои“, создава уникатен графички профил што го привлекува вниманието. Новиот концепт на бои е инспириран од различни зачини каде секоја боја ги доловува вкусовите на купувачите, но и карактерот на автомобилот.
Кардамон – остава впечаток на стил и елеганција, давајќи префинета и дискретна естетика
Чили – огнена и висококвалитетна боја што ги привлекува погледите на минувачите
Ѓумбир – софистицирана беж боја што навестува дух на авантура
Џунипер – младешки израз на мажественост и е сина боја создадена специјално за моделот давајќи му ледена свежина
Линијата на покривот е 50 мм повисока од онаа на старото Aygo, а положбата на седење е подигната за 55 мм. Toyota тврди дека ова, плус поострите А-столбови, ќе му овозможат на возачот подобра видливост во урбаното возење. Дел од тоа зголемување на должината очигледно е искористено за подобрување на една од најслабите области на старото Aygo – просторот во багажникот. Капацитетот на новиот автомобил е 231 литри, зголемување од 60 литри во однос на претходната генерација.
Внатрешноста на новиот модел е комплетно различна од претходниот модел, веднаш се забележува дигитализацијата, а дизајнот е модерен и свеж. Исто така, достапни се и голем број на персонализации кои вклучуваат елементи во кабината во иста боја како и надворешноста. Пред возачот се наоѓа инструмент табла со мал дисплеј, додека на централната конзола доминира новиот 9-инчен дисплеј за инфозабавниот систем ко вклучува вградена навигација и поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto. Новиот модел добива и голем број на нови технологии, кои вклучуваат безжично полнење за мобилен телефон, JBL аудио систем, амбиентално осветлување и друго.
На нашиот пазар Aygo X е достапен во четири нивоа на опременост – Joy, Play, Pulse и Envy.
Што се однесува до моторизацијата, новиот Aygo X е достапен само со еден мотор, а тоа е 1.0-литарски трицилиндричен атмосферски бензинец кој произведува 71 коњски сили и 93 Nm вртежен момент. Може да изберете 5-степен мануелен менувач или пак CVT автоматски менувач.
Цените за новиот Toyota Aygo X започнуваат од 13.490 евра и 10 годишна гаранција на возилото.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota каде што ќе може и одблиску да се запознаете со возилото.




















