Заедно со стандардниот Enyaq Coupe iV, Skoda го претстави и својот прв целосно електричен RS модел.
За разлика од обичниот Enyaq Coupe, RS верзијата е достапна со поголемата батерија од 82 kWh, која испраќа енергија до два електрични мотори – по еден монтиран на секоја оска за да се овозможи погон на сите четири тркала – и вкупно 295 коњски сили. Спринтот од нула до „стотка“ го постигнува за 6.5 секунди, а ова е единствената верзија на Enyaq која има максимална брзина од 178 километри на час. Со вртежен момент од 460 Nm, „жешкиот“ SUV има и корисен максимален капацитет на влечење од 1.400 кг.
Дополнителните перформанси што се нудат значи дека опсегот на RS опаѓа во споредба со стандардниот Enyaq Coupe со заден погон, сепак со полна батерија ќе може да помине повеќе од 480 километри. Со максимална можност за полнење од 135 kW, RS може да се надополни од 10 до 80 проценти за 29 минути, додека полнењето во домашни услови ќе трае помеѓу шест и осум часа во зависност од излезната моќност на полначот.
Шасијата на RS верзијата е за 15 мм пониска напред и за 10 мм пониска назад во споредба со обичниот Enyaq Coupe, додека прогресивното управување со променлив однос е исто така стандардно.
Како и со секоја RS верзија, одделот за дизајн на Skoda му даде и поагресивен изглед на Enyaq Coupe RS за да го одрази неговото позиционирање како најспортска верзија. RS добива повеќе детали во црна боја, како и црвена рефлекторска лента на задниот браник. Напред ја има и Crystal Face решетката на Skoda, осветлена со 131 LED диоди, која се наоѓа над подлабок, рестилизиран преден браник. Стандардно се вградени и Matrix LED светла. Ексклузивна RS ознака се наоѓа на предните крила на автомобилот, додека RS стандардно добива и аеродинамични тркала од 20-инчи, а поголеми 21-инчи се достапни како опција. „Hyper Green“ зелената боја е специјална само за оваа RS верзија.
Внатрешноста се карактеризира со спортски bucket седишта со везени RS логоа, исто така, добива сопствен избор на внатрешен дизајн, наречен „RS Suite“. Ова додава перфориран црн кожен тапацир со сиви контрастни шевови. Вградените делови обложени со карбон и алуминиумските педали се стандардно вклучени во кабината на RS моделот. Пред возачот е 5.3-инчен дигитален инструмент кластер, додека на централната конзола е пренесен 13-инчниот екран за инфозабавниот систем од другите верзии на Enyaq.











