Најлуксузната изведба на најголемиот SUV во понудата на Mercedes, моделот Maybach GLS 600 4Matic, пристигна во салонот на Mercedes во Скопје.
Mercedes-Maybach GLS ја дели својата платформа и каросеријата со стандардниот GLS. Ревизиите на дизајнот вклучуваат нов редизајниран преден браник, уникатна решетка за ладилникот и редизајниран заден браник со големи (вистински) отвори за издувниот систем. Стандардно е опремен и со Full LED Multibeam фаровите на Mercedes, како и ексклузивни алуминиумски бандажи од 22 инчи – како опција достапни се и поголеми 23-инчни бандажи. Maybach GLS добива и низа други дополнителни работи, на пример, кога ќе се отвори една од вратите на автомобилот, автоматски се отвора странично скалило и системот за воздушната суспензија го спушта автомобилот за 25 мм за да се олесни влегувањето.
Кабината на Maybach GLS е слична на онаа како во стандардниот GLS, но поставени се подобри и поквалитетни материјали и дополнителна технологија. Конкретниот модел е со четири седишта што доаѓа со две задни „фотелји“ кои се навалуваат и фиксна задна конзола, во која се сместени контролната табла за климатизацијата на задните седишта, две преклопни маси и голем ладилник за шампањ. Други важни промени во внатрешноста вклучуваат приспособлив систем за амбиентално осветлување во 64 бои, пар екрани на допир за патниците на задните седишта, уникатна Maybach графика за дигиталната инструмент табла и инфозабавниот систем, како и тоа што сите четири седишта се со греење, ладење и масажа. Поставен е и огромен лизгачки панорамски стаклен покрив и Burmester премиум стерео систем со 27 звучници.
Maybach GLS е опремен со надградена верзија на системот за воздушната суспензија во споредба со стандардниот модел, за кој Mercedes вели дека може подобро да ги амортизира несовршеностите на патот. Исто така, достапен е E-Active Body Control системот на Mercedes, додавајќи функција која активно го следи патот пред вас и го наведнува теренецот во свиоци како мотоцикл, под агли до три степени, во корист на удобноста на патниците. Автомобилот добива и нова програма за возење „Maybach Dynamic Select“, која е фокусирана на префинетост и удобност. Поставката за погон ги ограничува движењата на телото на теренецот, ја измазнува кривата на вртежниот момент на моторот, го исклучува системот за старт/стоп и усвојува изменета шема на менување на автоматскиот менувач, со помалку промени на степените на пренос за полесно и покомфорно возење.
Под хаубата на Maybach GLS се наоѓа 4,0-литарски V8 мотор со двоен турбо полнач кој испорачува 558 коњски сили и 730 Nm вртежен момент. Моторот ја испраќа својата сила на сите четири тркала преку деветстепен автоматски менувач, што му овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 4.9 секунди и максимална електронски ограничена брзина од 250 км/ч. V8 моторот е поддржан од 48 волтен електричен систем, кој ја користи EQ Boost технологијата на Mercedes. Системот EQ Boost се состои од компактен пакет батерии и интегриран стартер/алтернатор, кој е способен да испорача дополнителни 22 коњски сили и 250 Nm вртежен момент по потреба. Исто така, моторот со внатрешно согорување доаѓа со систем за деактивирање на цилиндрите, кој исклучува половина од цилиндрите на моторот под мало оптоварување.
Уживајте во фотографиите!









































