Втората генерација на Citan е веќе некое време достапна на нашиот пазар и овој модел се нуди во две различни верзии – товарно и патничко комбе. А денес ќе ја разгледаме патничката верзија, односно Citan Tourer.
Веќе имаме зборено дека оваа нова генерација доаѓа со доста значајни промени во споредба со претходникот, а најважно е тоа што сите оние најнови технологии кои ги има во стандардните патнички модели на Mercedes сега се имплементирани и во моделот Citan.
Надворешниот дизајн е скоро идентичен и кај товарната и кај оваа патничка верзија, но секако патничката верзија добива неколку промени што придонесуваат за малку поатрактивен изглед. Јасните форми со намалени линии и моќни површини придонесуваат за филозофијата на сензуална чистота и уште на прв поглед е јасно дека станува збор модел на Mercedes-Benz.
Иако Citan Tourer има компактни димензии – должината на возилото изнесува 4498 мм и меѓуоскиното растојание изнесува 2716 мм (ова е за кратката верзија, достапна е верзија со продолжено меѓуоскино растојание), сепак нуди дарежлив простор во внатрешноста. Лизгачките врати се практична карактеристика, особено во тесните места за паркирање, а новиот Citan е достапен со најмногу две лизгачки врати. Тие нудат широк отвор од двете страни на возилото со димензии од 615 милиметри. Висината на отворот на багажникот е 1059 милиметри. Што се однесува до вториот ред на седишта, тука се поставени три засебни седишта, па така без никаков проблем ќе може да се сместат тројца патници и сите од нив да имаат и повеќе од доволно простор и за нозете и за главата.
Внатрешноста на Citan Tourer е во класичен Mercedes-Benz стил, а главниот приоритет се просторноста и ергономијата. Целата кабина е модерна и полна со практични места за одлагање на ситници, како и некои поголеми работи. Најновиот MBUX инфозабавен систем е достапен и во овој модел, нуди интуитивен оперативен концепт со користење на екран на допир со големина од 7-инчи, копчиња на допир поставени на воланот или преку гласовниот асистент „Hey Mercedes“. Дополнителни предности се интеграцијата на паметни телефони со Apple Car Play и Android Auto и дигиталното радио (DAB и DAB+). Понатаму, Citan е подготвен за користење на многу дигитални услуги од Mercedes me connect. Како резултат на тоа, клиентите секогаш се поврзани со возилото без разлика каде се наоѓаат.
Палетата на мотори кај новиот Citan Tourer е формирана од еден дизел и два бензински мотори спарени со 6-степен мануелен менувач.
Дизел верзијата 110 CDI користи 1.5-литарски мотор кој испорачува 95 коњски сили и 260 Nm вртежен момент. Кај бензинците достапен е 1.3-литарски турбо-бензин мотор со 102 и со 131 коњски сили.
Mercedes-Benz стави особено акцент на постигнување на карактеристични возни карактеристики, дефинирани како балансирана комбинација на удобност, динамика и безбедност при возење. На предниот дел користи McPherson суспензија, додека на задниот дел е поставена торзиона оска со задни краци кои обезбедуваат дополнително водење на тркалата, а исто така пружините и амортизерите се одвоени. Целиот овој сетап на суспензијата е специјално развиен од Mercedes.
Безбедноста е клучна вредност на брендот. Па затоа, Citan Tourer добива седум стандардни воздушни перничиња и широк опсег на модерни системи за помош при возење. Покрај законски задолжителните ABS и ESP системи, автомобилот е стандардно опремен и со помош при поаѓање на нагорнина, систем за предупредување за замор, помошен систем при бочен ветар и систем за итни повици на Mercedes-Benz. Системите за асистенција кај оваа Tourer верзија се уште пообемни – во овој модел, aктивната помош за сопирање, aктивната помош за задржување на возилото во лента, помош за следење на слепи точки и помош за ограничување на брзината со откривање на сообраќајни знаци се стандардни за да му обезбедат дополнителна помош на возачот.
Многу други системи за помош при возење се достапни и како опција, вклучувајќи Active Distance Assist DISTRONIC кој може автоматски да го преземе возењето во сообраќаен метеж, како и Active Steering Assist што му помага на возачот да го задржи Citan во центарот на лентата.
Исто така, вреди да се напомене дека Mercedes Citan Tourer освои 5 ѕвезди на EuroNcap тестирањата со одлични резултати на сите видови тестови, а сето тоа го прави еден од најбезбедните Van автомобили на пазарот.




























