Новата генерација на легендарниот Land Rover Defender пристигна во салонот на Automobili Group!
Новиот Defender доаѓа со многу значајни измени од претходно, за прв пат до сега Defender е поставен на целосно алуминиумска платформа која се користи и за Range Rover, Range Rover Sport и Land Rover Discovery, но направени се многу промени на платформата за да се задоволат потребите на Defender.
Defender е достапен во две верзии – 90 и 110. Сите модели се со перманентен погон на сите четири тркала, активен заклучувачки диференцијал, Terrain Response системот со специјална функција за возење низ вода и уште многу други системи што ќе го олеснат off-road возењето. Помалата верзија 90 е достапна со нормална конвенционална суспензија, а како опција може да одберете и воздушна суспензија. Поголемата верзија 110 е стандардно опремена со адаптивна воздушна суспензија.
Ентериерот во Defender е доста различен од другите SUV модели, ја добивате сета нова технологија, но оставени се и некои “old school“ детали. На централната конзола е поставен 10-инчен дисплеј за infotainment системот кој доаѓа со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto. Пред возачот поставена е 12-инчна дигитална инструмент табла на која се прикажуваат сите битни информации, а мапата од навигацијата се прикажува во 3D.
Кога станува збор за мотори, на располагање се два турбо-бензински и два дизел мотори. Основниот бензинец е со ознака P300 и располага со 300 коњски сили, појаката верзија е со ознака P400 и користи шестцилиндерски турбобензинец со 400 коњски сили и mild-hybrid технологија. Кај дизелите достапен е само 2.0-литарски мотор, но со различна моќност – моделот D200 има 200 коњски сили, а моделот D240 има 240 коњски сили. Силата се пренесува на сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач со редуктор, а како опција достапен е и заклучувачки диференцијал за задната оска.
Каросеријата на новиот Defender е повисока за 20 милиметри во споредба со другите модели на Land Rover/Range Rover, плус целата шасија е дополнително зајакната, па така Defender нуди врвни теренски способности. Воздушната суспензија може да се спушти за 50 милиметри, но може и да се подигне за 75 милиметри. Доколку сакате да поминете преку некое место со вода, може да возите во вода со максимална длабочина од 90 сантиметри.



















