Во салонот на Kia пристигна новата фејслифт верзија на кросоверот XCeed. Позициониран помеѓу Stonic и Sportage, XCeed добива низа освежувања за моделската 2023 година. Фејслифт моделот воведува проширување на гамата благодарение на тоа што за прв пат до сега XCeed добива и GT-Line ниво на опременост.
Стилските промени што ги видовме минатата година на моделот Ceed се пренесени и на кросоверот XCeed. Одликувајќи се со новото корпоративно лого, XCeed ги добива новите LED задни светла со шестоаголни елементи резервирани за нивото на опременост GT-line. Исто така, има и редизајниран заден браник, а GT-Line верзиите добиваат „дифузер“ во боја на каросеријата. На предниот дел ги наследува поострите full LED фарови како кај Ceed и предниот браник е со редизајниран поостар дизајн, додека страничниот профил изгледа малку поробустно благодарение на црните заштитни панели околу каросеријата.
Промените во внатрешноста се суптилни, а новото GT-Line ниво на опременост добива поспортски седишта, волан со рамно дно, црн покрив во внатрешноста и алуминиумски педали. Дополнително, рачката на менувачот и воланот се обвиени во перфорирана кожа, а на воланот се наоѓа и GT-Line значка. Другите промени вклучуваат „frameless“ ретровизор, централна конзола во сјајно црна боја и опција за целосно дигитална 12.3-инчна инструмент табла со целосна HD резолуција.
Поставата на мотори ги вклучува веќе добро познатите турбо-бензински и дизел мотори, а тука е и Plug-in хибридната верзија. Понудата започнува со 1.0-литарскиот T-GDi со 120 коњски сили и 172 Nm вртежен момент, следен е 1.5-литарскиот T-GDi со 160 коњски сили и 253 Nm вртежен момент, додека на врвот на понудата се наоѓа 1.6-литарскиот T-GDi позајмен од Ceed GT и ProCeed GT кој испорачува 204 коњски сили и до „стотка“ забрзува за 7.5 секунди. Освен стандардниот 6-степен мануелен менувач, достапен е и 7-степен DCT автоматски менувач, а погонот е секогаш само на предните тркала.
За оние што сакаат дизел, достапен е 1.6-литарскиот CRDi MHEV мотор со 136 коњски сили и 280 Nm вртежен момент за верзијата со мануелен менувач, додека верзијата со автоматски менувач има зголемен вртежен момент од 320 Nm.
Најекономичниот погон е секако Plug-in хибридната верзија која користи 1.6-литарски бензинец, електромотор од 44,5 kW, литиум-јонска батерија од 8,9 kWh и 6-степен автоматски менувач. XCeed PHEV има системска моќност од 141 коњски сили и 265 Nm вртежен момент, додека само на електрична енергија може да помине до 60 километри.
Повеќе информации за освежениот XCeed може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia.























