Најпродаваниот модел на Audi неодамна доби фејслифт, а новиот модел сега пристигна и во Македонија. Во споредба со претходниот модел, овој нов модел има променет надворешен и внатрешен изглед, како и нови мотори и нови технологии.
Најголемите промени се на предниот дел, добива поголеми отвори за воздух заедно со целосно нов преден браник, а маската сега е поширока и е поставена пониско од порано и во зависност од нивото на опрема се добива различен дизајн. Нови се и предните LED светла кој сега се стандард на сите модели, а како опција достапни се Matrix LED светла. Назад, исто така, добива нов браник и нови LED задни светла кои се слични со тие напред. Предните и задните крила сега добиваат поостри рабови над тркалата. Со промените на каросеријата новиот А4 е 5мм поширок и 22мм подолг од претходниот модел. А само хаубата, багажникот и покривот остануваат непроменети, секој друг дел од возилото е комплетно нов.
Внатре, ентериерот останува многу сличен како и до сега, но дисплејот за infotainment системот е поголем и е поставен на горниот дел од централната конзола. Големината на новиот дисплеј е 10.1 инчи и сега има подобра графика и екран осетлив на допир. Старото тркалце за infotainment системот кое беше поставено во средината на централната конзола е тргнато и на тоа место сега е поставен менувачот. Виртуелниот кокпит, исто така е малку дотеран и има различни дизајни. Head-up дисплеј е достапен како опција и како и до сега достапни се голем број на опционални пакети за понатамошна надградба на ентериерот.
Најбитните новости овој пат се под хаубата, освен 2.0-литарскиот(40 TDI) и 3.0-литарскиот(50 TDI) дизел моторите, сите други добиваат mild-hybrid технологија. Новиот 2.0-литарски дизел мотор(35 TDI) кој има 163 коњски сили, како и три 2.0-литарски турбо-бензински мотори ( 35 TFSI со 150КС, 40 TFSI со 190КС и најјакиот 45 TFSI со 245КС), отсега се опремени со 12-волтен електричен систем за mild-hybrid системот. Спортската S4 верзија, наместо стариот 3.0-литарски V6 турбо-бензинец, сега добива 3.0-литарски TDI дизел мотор со 346 коњски сили и 48-волтен mild-hybrid систем кој развива 700 Nm вртежен момент.
За повеќе информации околу возилото посетете го продажниот салон на Audi!













