BMW X6

Новата трета генерација на популарниот купе SUV модел на BMW пристигна во Македонија.

Новиот Х6 го задржува тој купеовски дизајн со покрив кој агресивно оди надолу од Б столбот. Добива уникатни хоризонтални задни светла, кои се протегаат речиси по цел заден дел, а тоа е една од големите разлики кои ги има во споредба со новиот X5. Друга нова опција е осветлената предна решетка(illuminated kidney grille) која може да свети додека возите или пак да се уклучува само кога ќе го отклучите или заклучите возилото.

Ентериерот е многу сличен како и кај сите други нови SUV модели на BMW, стандардно добивате спортски седишта и специјален Sensatec материјал на централната конзола, 12.3-инчен дисплеј за Infotainment системот, како и дигитална инструмент табла со иста големина на дисплеј од 12.3 инчи, Wi-Fi hotspot, безжично полнење за вашиот телефон и многу друго… Багажниот простор останува ист како и во претходниот модел и на располагање имате 580 литри, а доколку ги спуштите задните седишта прераснува во 1.525 литри.

Новиот Х6 е достапен со вкупно четири мотори, од кои два се бензински и два дизел. Кај дизелите понудата започнува со X6 xDrive 30d, кој користи 3.0-литарски шест цилиндарски мотор со 266 коњски сили и 620Nm вртежен момент, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 6.5 секунди. Кај бензинците понудата започнува со X6 xDrive 40i и исто така, користи 3.0-литарски шест цилиндарски мотор со 340 коњски сили и 450Nm вртежен момент, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч тука трае 5.5 секунди.
Flagship моделите се M50d и M50i- дизел верзијата има 3.0-литарски шест цилиндарски мотор со четири турбини, а тоа резултира со 400 коњски сили и 760Nm вртежен момент и забрзувањето до 100 км/ч трае 5.2 секунди. Најмоќниот модел M50i користи 4.4-литарски твин-турбо V8 мотор кој има 531 коњски сили и 750Nm вртежен момент, а до 100 км/ч катапултира за 4.3 секунди.
Сите овие мотори стандардно се опремени со xDrive погонот на сите тркала и 8-степен автоматски менувач.

Повеќе информации може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW каде што ќе може и да го видите новиот BMW X6!

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар