Mercedes ги претстави двете нови спортски целосно електрични верзии на моделот EQE – AMG EQE 43 и EQE 53. Изградени се на целосно новата електрична EVA2 платформа на марката и нудат значително зголемени перформанси, преработени поставки на шасијата и повеќе од 500 километри опсег.
Mercedes-AMG EQE 43 4Matic е моделот со помала моќност и користи електричен мотор на секоја оска за да произведе 476 коњски сили и 858 Nm вртежен момент. Ова го придвижува седанот со тежина од 2.525 килограми од 0 до 100 км/ч за 4.2 секунди и може да постигне максимална брзина од 210 км/ч. Батеријата од 90,6 kWh (употребливи) според WLTP мерењата обезбедува опсег од 462 до 533 километри. Благодарение на способноста за полнење до 170 kW, потребни се само 15 минути за да се додадат дополнителни 180 километри. 11 kW „on-board“ полнач е стандарден, со можност за помоќен 22 kW полнач достапен како опција. Возачот може да избира помеѓу три нивоа на регенерирање на енергијата за време на возењето, а најсилната поставка овозможува возење со една педала.
Помоќната верзија – Mercedes-AMG EQE 53 4Matic е опременa со два електрични мотори специфични за AMG со што се добива значително поголема моќност од 626 коњски сили и 950 Nm вртежен момент. За уште поголема моќност, купувачите можат да го одберат AMG Dynamic Plus пакетот, кој ја зголемува моќноста на 687 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент. На оваа верзија и се потребни 3.3 секунди за да забрза од 0 до 100 км/ч, додека максималната брзина е 240 км/ч.
Помоќните мотори на EQE 53 имаат удел во опсегот, па затоа со полна батерија ќе може да се поминат околу 518 километри. Инаку, EQE 43 и 53 ќе добиваат надградби „преку воздух“ за да го подобрат управувањето со батериите во текот на нивниот животен циклус. Решението за ладење, специфично за AMG треба да им обезбеди на двата модели конзистентни перформанси.
Од надвор, новата црна решетка со вертикални хромирани решетки, спортски преден браник, подлабоки странични прагови и заден дифузер го означуваат EQE AMG, заедно со поголем спојлер на багажникот. Дизајнот кој е аеро-оптимизиран е инаку сличен на стандардниот EQE, а внатре се добиваат дополнителни спортски детали.
Mercedes вгради спортски bucket AMG седишта обработени во синтетичка кожа со делови од микрофибер и црвени шевови, додека Nappa кожните седишта се достапни како опција. Црвените шевови, исто така, ги издвојуваат горниот дел од контролната табла и панелите на вратите, а има и волан со рамно дно, специфичен за AMG кој е во алкантара од страните.
Во однос на технологијата, EQE AMG се нуди со Hyperscreen инфозабавниот екран кој што дебитираше во лимузината EQS. Ова комбинира три екрани под еден, заоблен слој стакло што се протега низ контролната табла, а MBUX софтверот добива специјална AMG графика и дополнителни функции, вклучувајќи опционален AMG Track Pace систем кој ги евидентира податоците за возилото додека се вози на тркачка патека. Системот исто така им овозможува на патниците да гледаат видео содржини, да испраќаат текстуални пораки и да пребаруваат на интернет додека се движат.
На пат, Mercedes-AMG се обидува да долови дел од звучното влијание на своите автомобили со мотори со внатрешно согорување кај овие нови електрични модели, преку AMG Sound Experience. Ова решение репродуцира синтетизиран звук низ звучниците додека возите, користејќи наменски активатор на бас и генератор на звук. Возачот може да избира помеѓу режимите Balanced, Sport и Powerful, а доколку автомобилот го има AMG Dynamic Plus пакетот, EQE 53 добива дополнителен Performance звучен профил дизајниран за спортско возење.
AMG верзиите добиваат воздушно потпирање стандардно, со специјални спојници на суспензијата и поставки за roll bar-от. Амортизерите се исто така оптимизирани за EQE AMG, со постојано променлива тврдина за да се подобри удобноста или прецизноста, во зависност од режимот на возење и условите. Висината на автомобилот зависи и од режимот на возење, во Sport и Sport+ автомобилот станува понизок за 15 мм.
Mercedes постави и целосно нов систем за сопирање кај AMG верзиите, кој се состои од големи 415 мм предни дискови и шест клипни шепи. Како опција достапни се и карбон керамички кочници за уште подобри перформанси.















