Ова е новата, втора генерација на Mercedes GLC – и додека голем дел од фокусот на брендот во последно време беше на неговите идни целосно електрични автомобили, GLC со мотор со внатрешно согорување останува неверојатно важен модел за Mercedes. Воедно, ова е и еден од најпродаваните модели на брендот. Секоја верзија на новиот GLC е електрифицирана, со 48-волтна mild-hybrid технологија, а достапни се и три plug-in хибридни верзии.
Благодарение на новата MRA2 платформа на Mercedes, споделена со новиот C-Class, брендот направи еволутивно ажурирање на дизајнот на овој SUV. Редизајнираниот преден дел го прифаќа најновиот дизајнерски јазик на брендот. Фаровите со нов изглед сега се вклопуваат во предната решетка, завршени со впечатлив изглед кај AMG Line моделите што користат шема со трикратна ѕвезда на Mercedes. Спортскиот изглед на предниот дел е дополнително зголемен кај AMG Line верзиите, со хромирани „off-road“ елементи. Во профил, дизајнот на GLC има нови контурни линии, додека заштитните панели околу тркалата за прв пат до сега може да бидат во боја на каросерија. Алуминиумските бандажи кои се достапни се со големина од 18 до 20-инчи. Дизајнот на задниот дел е познат, нежно еволуиран во однос на претходниот модел. Задните LED светла сега се со нов дизајн, сличен на оној како кај новиот C-Class, додека браникот добива нова форма со (за жал) лажни отвори за издувот…
Со должина од 4.716 мм, новиот GLC е 60 мм подолг од претходникот, додека автомобилот е понизок за 4 мм. Голем дел од дополнителната должина на новиот автомобил се должи на подолгиот заден дел – потег за кој Mercedes тврди дека има придобивки во практичноста. Багажниот капацитет сега е 70 литри поголем од претходно, со вкупно 620 литри капацитет во стандардна конфигурација. Сите верзии стандардно доаѓаат со електрично отворање и затворање на вратата од багажникот.
Во внатрешноста, GLC презема револуција инспирирана од C-Class. Застарената внатрешност на стариот модел е целосно ажурирана, а новиот изглед користи дизајн на контролната табла со голема, закривена централна конзола. Исто така, има и нов 11.9-инчен екран на допир за инфозабавниот систем и низа на дополнителни контроли чувствителни на допир кои се наклонети кон возачот. Во низата контроли се наоѓа и скенер за отпечатоци, што им овозможува на различни возачи да се најават на нивниот персонализиран MBUX профил. MBUX системот е исто така компатибилен со надградби на софтверот преку воздух, одржувајќи ги системите и функциите на возилото ажурирани. Оваа способност, исто така, овозможува инсталирање на нови опционални функции на автомобилот со нивно купување во апликацијата Mercedes Me Store.
Пред возачот се наоѓа 12.3-инчна дигитална табла со инструменти што може да се конфигурира, а исто така може да биде поддржана од опционален head-up дисплеј. Дополнителни нови инфозабавни функции вклучуваат Newsflash, кој ги проширува функциите на гласовниот асистент на Mercedes Me за да вклучи персонализирани билтени за вести од избор на извори на вести, читани на глас од гласовниот асистент по барање.
Сите верзии на новиот GLC се стандардно опремени со деветстепен автоматски менувач и 4MATIC систем за погон на четири тркала, додека моќта доаѓа исклучиво од 2.0-литарски турбо мотори со четири цилиндри. На бензинските и дизел верзиите со 48-волтна помош им се придружуваат и три plug-in хибридни верзии.
Палетата на бензински мотори започнува со GLC 200 4MATIC верзијата, која испорачува 204 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Втората, помоќна опција е GLC 300 4MATIC кој испорачува 258 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Палетата на дизел опција се состои од GLC 220 d 4MATIC кој испорачува 197 коњски сили и 440 Nm вртежен момент.
Сите овие три верзии на GLC доаѓаат со нова, втора генерација на 48-волтна mild-hybrid технологија, но нивото на електрична помош е сè уште мало. Работењето само со електрична енергија не е возможно, а наместо тоа, системот овозможува беспрекорно исклучување на моторот и електрично засилување до 24 коњски сили, што може да помогне да се намали оптоварувањето на моторот при нагло забрзување.
Сепак, новата plug-in хибридна технологија е таа што навистина ги унапредува понудите на погонските опции на овој нов GLC. Достапни се две бензински верзии и една дизел. Сите ја користат истата батерија од 31 kWh, која работи заедно со електричен мотор со 136 коњски сили и 440 Nm вртежен момент. Mercedes тврди дека секој модел може да помине до 120 километри само на електрична енергија со полна батерија, а максималната брзина во овој начин на возење е 140 км/ч.
GLC 300 e 4MATIC го користи истиот 2.0-литарски четирицилиндричен бензински мотор како GLC 200, а во комбинација со електричниот мотор, максималната моќност изнесува 313 коњски сили и 550 Nm вртежен момент. Помоќна опција е верзијата GLC 400 e 4MATIC, кој располага со 381 коњски сили и 650 Nm вртежен момент, овозможувајќи забрзување до 100 км/ч за 5.6 секунди.
Mercedes е единствениот премиум бренд кој нуди дизел plug-in хибриден погон, а новиот GLC ја продолжува оваа традиција со 300 de 4MATIC верзијата. 2.0-литарскиот дизел мотор е комбиниран со истата батерија и моторна технологија како и бензинските верзии, а испорачува моќност од 335 коњски сили и 750 Nm вртежен момент.























