Компактните SUV модели – GLA и GLB добија свое (суптилно) освежување. Големото освежување на понудата на Mercedes изминатиов период е во полн ек. Покрај редовно прикажуваните нови модели, има и фејслифт автомобили. Овој пат станува збор за два освежени SUV модели.
Што се смени кај новите освежени GLA и GLB? – Германците не лудуваат и не ги расипуваат докажаните модели. И во двата случаи, имаме работа со вистински козметички поправки, благодарение на кои овие популарни компактни теренци ќе останат визуелно „свежи“. И кај двата модели, предните и задните светла се променети, иако на многу дискретен начин. Овде можете да ја препознаете фејслифтираната верзија благодарение на новиот светлосен потпис, како и поцрвените леќи на задните светла.
Малку се променети и предниот и задниот браник и решетката. Кај двата модели, сега стандардно се добива „power domes“, т.е. малку поиспакната хауба, која претходно беше понудена само кај AMG моделите.
Сè во кабината е оставено „како и обично“. Овде, по примерот A,B и CLA класите, тачпадот на централниот тунел е отфрлен. Затоа, инфозабавниот екран сега се контролира само преку допир, а ова може да разочара многу луѓе. Нема да најдете никакви други визуелни промени – единствените корекции се ограничени на поновата верзија на MBUX системот. Нов е и воланот со команди на допир, типичен за сите нови модели на Mercedes-Benz. А додадени се и два осветлени USB-C приклучоци.
Ново под хаубата е mild-hybrid системот. Освежените Mercedes GLA и GLB ќе бидат поекономични благодарение на него. MHEV системот ќе се појави во сите погонски варијанти, од најслабата 180 верзија до најмоќната AMG 35 верзија. Моќта на погонските единици останува непроменета. Палетата на мотори е отворена со турбо-бензинец со 136 коњски сили, а затворена во случајот на послабиот AMG со 2.0-литарски бензинец кој испорачува 306 коњски сили. Шлагот на тортата е AMG 45 верзијата, која е достапна само во GLA и тука нуди дури 421 коњска сила.
Во понудата остануваат и дизел мотори. Достапен е 2.0-литарски мотор во неколку варијанти со различна моќност. Во најслабата верзија генерира 116 коњски сили, а во најмоќната 190 коњски сили. Помоќните мотори се комбинираат и со 4MATIC погонот. Сите верзии стандардно доаѓаат со 7-степен или 8-степен автоматски менувач со двојна спојка.





















