Mercedes-Benz ги освежи CLA и CLA Shooting Break

Mercedes-Benz ги представи новите фејслифт верзии на CLA и CLA Shooting Break кои доаѓаат со бројни иновации, освежен дизајн и надградена стандардна опрема. Ново обликуваниот преден дел, ревидираната решетка на ладилникот и новиот заден дифузер го изоструваат спортскиот карактер. На ова се додадени и модернизираните LED High Performance фарови, кои се стандардни за прв пат до сега и целосно LED задните светла. Новите бои Hyper Blue и Spectral Blue, како и три дополнителни дизајни за тркалата во големини до 19 инчи, го продолжуваат изборот за индивидуализација. Стандардно, новите модели CLA Coupé и CLA Shooting Brake се опремени со 17-инчни алуминиумски тркала со пет краци во сребрена боја или дизајн со пет двојни краци во високосјајна црна боја.

Во внатрешноста вниманието го привлекува панелот со двојните екрани. Сега стандардно доаѓа со 7-инчен екран за возачот и 10,25-инчен централен екран за инфозабавниот систем. Два екрани од 10,25 инчи со изглед на широк екран се опционално достапни. Тие нудат холистички високотехнолошки искуства и создаваат исклучително отворена просторна архитектура. Воланот на сегашната генерација е стандардно обложен со Nappa кожа. Алтернативно, мултифункционалниот спортски волан за прв пат е достапен во вештачка ARTICO кожа. Новите украсни елементи во темен карбонски изглед, кафеаво дрво или кафеави микрофибер MICROCUT елементи (само кај AMG Line) дополнително ја подобруваат внатрешноста. Кај AMG Line верзијата за прв пат до сега е достапно и греење на волан.

CLA Coupé и CLA Shooting Brake се одликуваат со најновата генерација на MBUX системот – со ново дизајнирани стилови на екранот – „Classic“ ги обезбедува сите релевантни информации за возачот, „Sporty“ импресионира со динамичниот бројач на вртежи и „Discreet“ е ограничен на најважните ставки. Групата инструменти и централниот екран може да се индивидуализираат според желбите на возачот и ситуацијата. Централниот екран ги нуди сите претходни функции како навигација, медиа, телефон, поставки итн. и може да се ракува практично како екран на допир.

Ревидираниот телематски систем импресионира со новиот дизајн и подобрените перформанси. Нова функција е поврзување со паметни телефони преку Apple CarPlay или Android Auto безжично. За понатамошно поврзување, CLA Coupé и CLA Shooting Brake имаат дополнителни USB-C приклучоци и сите USB порти сега се осветлени.

Во комбинација со најновата генерација на MBUX системот, опционалниот Burmester аудио систем сега се одликува со извонредно Dolby Atmos аудио доживување. На музиката и дава повеќе простор, јасност и длабочина. Dolby Atmos овозможува дискретни аудио елементи или предмети да се постават во тридимензионално звучно поле и да се прилагодат на која било средина за репродукција.

Што се однесува до моторите, понудата останува иста како и претходно – достапни се неколку бензински и дизел мотори, а тука се и Plug-in хибридните погони. Новост е тоа што сите бензински мотори сега се електрифицирани со 48-волтен систем. Сите верзии стандардно се опремени со 7 или 8-степен автоматски менувач. 

И спортските AMG верзии на CLA и CLA Shooting Break добиваат бројни ажурирања. Новиот надворешен дизајн е особено впечатлив кај CLA 35 4MATIC Coupé. И двата модели добиваат решетка на ладилникот специфична за AMG со вертикални ленти, преобликуван преден дел и тркалезна значка со амблемот AMG што ја зајакнува припадноста на брендот. Достапни се и неколку нови дизајни на тркала и кај 35 и кај 45 моделите. 

35 моделите се опремени со електричен систем од 48 волти и стартер-генератор. Втората генерација на стартер-генератор делува како благ хибрид, обезбедувајќи привремено засилување на моќноста од 14 коњски сили. Моќниот и агилен 2.0-литарски четирицилиндричен турбо мотор произведува 306 коњски сили, кои се распределуваат променливо на сите четири тркала преку AMG SPEEDSHIFT DCT 8G менувачот и AMG Performance 4MATIC погонот на сите тркала. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 4.9 секунди.

CLA 45 S 4MATIC+ Coupé и Shooting Brake се достапни и во специјално ограничено издание – AMG Street Style Edition. Оваа верзија добива специјална MANUFAKTUR mountain grey magno боја и специјални AMG налепници, а добива и акценти во флуоресцентна портокалова боја. Другите надворешни елементи ги вклучуваат пакетите AMG Aerodynamics, AMG Night I и II и специјалното AMG капаче за полнење гориво.

Внатрешноста на AMG Street Style Edition, исто така, има препознатлив дизајн. Седиштата AMG Performance во црна микрофибер MICROCUT боја се украсени со шевови во светло портокалова боја. Ознаката „CLA 45 S“, исто така во портокалова боја, го носи амблемот на брендот во внатрешноста. Воланот AMG Performance во MICROCUT кожа/микрофибер и AMG елементите од алуминиум додаваат дополнителен акцент на внатрешноста. 

45 S верзиите користат 2.0-литарски турбо бензински мотор кој испорачува 421 коњски сили, а силата ја пренесува на сите четири тркала преку 8-степен автоматски минувач. Сето ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 4.1 секунди и максимална брзина од 270 км/ч. Целосно променливиот погон на сите тркала со AMG TORQUE CONTROL дава значителен придонес во динамичното возење. Менувачот на задната оска содржи две електронски контролирани спојки со повеќе плочи, од кои секоја е поврзана со погонско вратило на задната оска. Ова овозможува погонската моќ да се распределува променливо не само помеѓу предната и задната оска, туку и селективно на тркалата помеѓу левото и десното задно тркало.