Новата втора генерација на Lexus NX пристигна на македонскиот пазар.
Новиот NX е многу повеќе од само луксузен SUV со средна големина. Ова е модел кој отвора комплетно ново поглавје за брендот Lexus. Најавува нови насоки во дизајнот, нови погонски единици, вклучувајќи го и првиот Plug-in хибриден мотор на Lexus.
Lexus беше еден од првите премиум брендови што усвои електрифицирани погонски единици уште во 2005 година, но тогаш компанијата се спротивстави на изградбата на целосен plug-in хибрид. Тоа сега се менува, со целосно новиот NX, кој е првиот PHEV модел на јапонската марка. NX е многу значаен модел за Lexus откако беше лансиран во 2014 година. Досега се продадени повеќе од 175.000 примероци во Европа, а поголемиот дел од тие беа на клиенти кои за прв пат купуваат автомобил од марката Lexus.
Дизајнот на новиот NX е еволуција на она што го немало претходно. Напред има препознатлива решетка за Lexus, сложени странични површини, вклучително и забележливо прекршување во близина на Ц-столбот и уреден распоред на задните светла што се одликува со тенок „обвиен“ потпис низ задниот дел. Последниот од овие елементи се очекува да се примени во повеќе модели од гамата на Lexus во иднина.
Втората генерација на NX ја користи TNGA-K платформата, а оваа верзија на модуларната платформа на Toyota е посветена за поголеми возила, како што е RAV4. Новиот Lexus е целокупно поголем од автомобилот што го заменува – 20 мм подолг, 20 мм поширок и 5 мм повисок. Поефикасното пакување на TNGA значи дека меѓуоскиното растојание е исто така подолго за 30 мм – развој што треба да го подобри просторот во кабината. Целокупната должина сега е 4.660 мм, што го прави овој автомобил шест сантиметри подолг од RAV4. Основите на NX се речиси целосно нови – само 5% од целото возило може да се спореди со неговиот претходник.
Новиот NX е првиот модел на брендот што го содржи концептот Tazuna во кабината, наменет за возачот, пристап кој првпат беше откриен во концепт автомобилот Lexus LF-30 Electrified.
Кабината се одликува со порадикален пристап од надворешноста, со целосно преуредување на многу критикуваните инфозабавни системи на Lexus. Стандардниот инфозабавен систем, наречен Lexus Link Connect, располага со 9.8-инчен екран на допир со зголемена процесорска моќ за да дава одговори кои се повеќе од три пати побрзи од претходно. Водечкиот систем е Lexus Link Pro, кој носи огромен 14-инчен екран со висока резолуција кој е воедно и еден од најголемите екрани во класата. Има и поддршка за безжично поврзување со Apple CarPlay, додека за Android Auto ќе ви треба кабел.
Апликацијата за паметни телефони, Lexus Link, ќе им овозможи на клиентите на NX далечински да го заклучуваат и отклучуваат своето возило и да ја контролираат претходна климатизација на температурата во кабината. На 450h+, сопствениците исто така ќе можат да го следат и закажуваат полнењето.
Што се однесува до багажниот простор, новиот модел нуди капацитет од 545 литри, додека со спуштени задни седишта се добива капацитет од 1.436 литри.
Новата генерација е достапна со две погонски единици, секако хибридни. Основниот модел (NX 350h) е опремен со најновата четврта генерација на хибридниот систем на Lexus, постигнувајќи повисоки перформанси и зголемена ефикасност. Хибридниот систем користи 2.5-литарски четири цилиндарски бензинец кој генерира 24% повеќе моќност од претходникот. Вкупната моќност изнесува 244 коњски сили и овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 7.7 секунди. Оваа верзија е достапна со погон на предните тркала или E-Four електричен погон на сите четири тркала.
Втората верзија е NX 450h+, тука исто така под хаубата работи 2.5-литарски мотор заедно со преден електричен мотор од 134 kW, заден електричен мотор од 40 kW и литиум-јонска батерија со капацитет од 18.1 kWh – најголем капацитет во класата. Вкупната системска моќност изнесува 309 коњски сили, што пак овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за импресивни 6.3 секунди.
NX 450h може да се пофали и со зголемен опсег за возење на целосно електричен режим. Според WLTP, во комбинирани услови на возење со полна батерија може да помине од 69 до 76 километри, додека во градски услови на возење може да помине од 89 до 98 километри. Со полнач од 230V, полнењето на батеријата трае околу 2.5 часа.
Lexus NX е првиот модел со третата генерација на Lexus Safety System+, опремен со сеопфатен пакет на функции за активна безбедност и помош на возачот, а сите овие системи се стандардно опремени во секоја верзија на NX.
Што се однесува до цените, верзијата NX 350h започнува од 49.990 евра, додека Plug-in хибридниот NX 450h+ почнува од 69.990 евра.






















