Lexus ја претстави новата генерација на SUV моделот RX

Lexus ја претстави најновата петта генерација на својот најголем SUV, моделот RX. Заедно со новиот NX и целосно електричниот RZ, овој модел е следниот чекор во она што Lexus тврди дека е ново поглавје за брендот, базирано не само на дополнителна електрификација, туку и на целосно нов став кон дизајнот на автомобилите во понудата на брендот.

За таа цел, новиот RX е мешавина на внимателна еволуција и радикални промени, овозможено со употребата на новата GA-K. Од Lexus велат дека дополнително го развиле дизајнерскиот јазик наречен „Next Chapter“ кај новиот RX, но исто така дека голем дел од изгледот на новиот модел е пренесен од моделот од претходната генерација. Должината на новиот модел останува иста како и кај претходниот RX, односно 4.890 мм. Сепак, тој е 25 мм поширок и 10 мм понизок, додека меѓуоскиното растојание на автомобилот сега е 60 мм подолго од претходно.

Предниот дел на новиот RX е променет за да ја вклучи најновата интерпретација на препознатливата решетка на брендот, со повисок и поквадратен стил што ја заокружува подолгата хауба. Опкружена е со редизајнирани LED фарови кои го задржуваат светлосниот потпис на моделот кој е во облик на буквата L, додека долниот дел од предницата изгледа поспортски од порано со поимпресивни вертикални доводи за воздух. Во профилот, црните C-столбови на претходниот модел се пренесени на новиот RX, давајќи „лебдечки“ изглед на покривот. Линиите се пообемни во споредба со аголната површина на претходниот автомобил, додека сега се достапни тркала со дијаметар до 21 инчи. На задниот дел, RX ја прифаќа популарната карактеристика на модерните теренци со LED светлосна лента на целиот заден дел, како и Lexus испишани букви на вратата од багажникот.

Во споредба со некои од поконзервативните аспекти на надворешниот дизајн, внатрешноста прави огромен чекор во нова насока. Lexus темелно ја редизајнираше кабината на RX во споредба со претходниот модел, а дизајнот е сличен како и во новата генерација на помалиот NX. Овој нов стил на внатрешност, Lexus го нарекува кокпит „Tazuna“.

Централниот екран на допир од 14-инчи е стандарден кај сите модели и има интегрирани физички копчиња за вообичаените команди, како што се прилагодување на температурата на климата или јачината на звук. Доаѓа со вградена навигација со податоци за сообраќајот во живо, плус безжично поврзување со Apple CarPlay, заедно со Android Auto поврзување, но за ова ќе ви треба кабел. Пред возачот се наоѓа нова дигитална табла со инструменти која може да се конфигурира преку копчињата на мултифункционалниот волан кој исто така е со нов изглед. Инаку, амбиенталното осветлување сега е достапно во вкупно 64 бои и 14 различни теми од кои може да изберете.

Новите предни седишта се дизајнирани со фокус на подобрена удобност и поддршка на држење на телото, а достапни се со греење и вентилација. Во комбинација со редизајнираните седишта, дополнителното меѓуоскино растојание, благодарение на новата GA-K платформата значи дека новиот RX нуди доста подобрен простор на задните седишта.

Во Европа, како и претходниот модел, така и новиот, ќе биде достапен исклучиво со хибридни погони, а новост е новата Plug-in хибридни верзија. Изборот на мотор се заснова на 2.5-литарски атмосферски четири цилиндарски бензински мотор.

Основниот модел, RX 350h кој е комбинација на 2.5-литарски бензински мотор со компактна батерија и електромотор испорачува вкупна моќност од 245 коњски сили и 335 Nm вртежен момент, додека забрзувањето од 0 до 100 километри на час трае 8 секунди. Силата се пренесува на предните тркала преку нов eCVT автоматски менувач.

Plug-in хибридниот RX 450h+ исто така користи eCVT менувач и го користи истиот 2.5-литарски мотор како кај моделот 350h, но е опремен со дополнителен електричен мотор што ја движи задната оска и батерија од 18,1 kWh. Вкупната моќност изнесува 306 коњски сили и 572 Nm вртежен момент. Само на електрична енергија со полна батерија би требало да помине до 65 километри.

Третата и последна верзија е целосно нова за моделот RX, го носи името RX 500h и оваа верзија е исклучиво достапна во спортското F Sport ниво на опременост. Тука форматот на погон е малку различен – користи 2.4-литарски четирицилиндричен турбо-бензински мотор поврзан со шестстепен автоматски менувач. Ова е првиот хибриден автомобил на Lexus кој користи мотор со турбополнач, а ја содржи и новата DIRECT4 технологија за дистрибуција на вртежен момент што се користи кај целосно електричниот RZ. На турбо-бензинецот му се придружува и електричен мотор, додека задниот дел е опремен со „e-Axle“ од 80 kW – компактен, модуларен пакет кој се состои од мотор, запчаник и ECU сместен помеѓу задните тркала. Вкупната комбинирана моќност изнесува 371 коњски сили и 645 Nm вртежен момент што овозможуваат забрзување до „стотка“ за 5,9 секунди.