Kia ја претстави фејслифт верзијата на кросоверот XCeed

После една година од претставување на фејслифт верзијата на хечбек моделот Ceed, Kia сега ја претстави и фејслифт верзијата на популарниот кросовер модел XCeed. Позициониран помеѓу Stonic и Sportage, XCeed добива низа освежувања за моделската 2023 година. Фејслифт моделот воведува проширување на гамата благодарение на тоа што за прв пат до сега XCeed добива и GT-Line ниво на опременост.

Стилските промени што ги видовме минатата година на моделот Ceed сега се пренесени и на кросоверот XCeed. Одликувајќи се со новото корпоративно лого, XCeed ги добива новите LED задни светла со шестоаголни елементи резервирани за нивото на опременост GT-line. Исто така, има и редизајниран заден браник, а GT-Line верзиите добиваат „дифузер“ во боја на каросеријата. На предниот дел ги наследува поострите full LED фарови како кај Ceed и предниот браник е со редизајниран поостар дизајн, додека страничниот профил изгледа малку поробустно благодарение на црните заштитни панели околу каросеријата.

Промените во внатрешноста се суптилни, а новото GT-Line ниво на опременост добива поспортски седишта, волан со рамно дно, црн покрив во внатрешноста и алуминиумски педали. Дополнително, рачката на менувачот и воланот се обвиени во перфорирана кожа, а на воланот се наоѓа и GT-Line значка. Другите промени вклучуваат „frameless“ ретровизор, централна конзола во сјајно црна боја и опција за целосно дигитална 12.3-инчна инструмент табла со целосна HD резолуција.

Поставата на мотори ги вклучува веќе добро познатите турбо-бензински и дизел мотори, а тука е Plug-in хибридната верзија. Понудата започнува со 1.0-литарскиот T-GDi со 120 коњски сили и 172 Nm вртежен момент, следен е 1.5-литарскиот T-GDi со 160 коњски сили и 253 Nm вртежен момент, додека на врвот на понудата се наоѓа 1.6-литарскиот T-GDi позајмен од Ceed GT и ProCeed GT кој испорачува 204 коњски сили и до „стотка“ забрзува за 7.5 секунди. Освен стандардниот 6-степен мануелен менувач, достапен е и 7-степен DCT автоматски менувач, а погонот е секогаш само на предните тркала.

За оние што сакаат дизел, достапен е 1.6-литарскиот CRDi MHEV мотор со 136 коњски сили и 280 Nm вртежен момент за верзијата со мануелен менувач, додека верзијата со автоматски менувач има зголемен вртежен момент од 320 Nm.

Најекономичниот погон е секако Plug-in хибридната верзија која користи 1.6-литарски бензинец, електромотор од 44,5 kW, литиум-јонска батерија од 8,9 kWh и 6-степен автоматски менувач. XCeed PHEV има системска моќност од 141 коњски сили и 265 Nm вртежен момент, додека само на електрична енергија може да помине до 60 километри.