Hyundai го освежи големиот Santa Fe

Hyundai лансираше освежена верзија за 2020 година на својот најголем SUV, моделот Santa Fe – значително променет надворешен дизајн, ревидиран ентериер и нова понуда на мотори.

Hyundai го нарекува фејслифт, но новиот Santa Fe е всушност поставен на комплетно нова платформа од претходно. Новиот модел ги споделува компонентите со третата генерација на моделот Sonata кој е достапен само за американскиот и кинескиот пазар, а оваа платформа нуди поддршка за најновите хибридни погони, како и најновите технологии на Hyundai.

Поради новата платформа, Santa Fe сега има зголемени димензии. Подолг е за 15мм, поширок за 10мм и 5мм повисок од моделот што го заменува, со димензии 4.785мм, 1.900мм и 1.685мм соодветно. Hyundai вели дека поради овие промени сега има повеќе простор во кабината за патниците, додавајќи дополнителни 34мм простор за нозете на патниците на задните седишта. Покрај овие работи, Hyundai му даде и нов изглед на Santa Fe – нови LED дневни светла со Т-форма, редизајнирана предна решетка, суптилно ревидирани браници, пошироки крила и нови LED задни светла. Хибридните и плаг-ин хибридните модели стандардно се опремени со 19-инчни аеродинамични алуминиумски бандажи, а како опција достапни се и 20-инчни бандажи. Исто така, додадени се и три нови бои за надворешноста – Glacier White, Taiga Brown и Lagoon Blue.

Внатрешноста, сега има нова централна конзола, нов менувач и голем број на дополнителни места за складирање на ситници. Пред возачот сега е поставена нова 12.3-инчна дигитална инструмент табла, нов 10.25-инчен дисплеј за infotainment системот кој стандардно доаѓа со Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Како и во претходниот модел така и во овој, достапен е и head-up дисплеј во повисоките нивоа на опременост. Системите за безбедност во новиот модел вклучуваат – lane-keeping assist, blind-spot collision avoidance, функција за автоматско паркирање со систем за избегнување на заден судар, како и новиот Hyundai Highway Drive Assist.

Новата платформа му овозможи на Hyundai да стави плаг-ин хибриден погон кој ќе биде достапен на почетокот на 2021 година. Овој погон ќе содржи 1.6-литарски четирицилиндричен бензински мотор, електромотор со 91 коњски сили и литиум-јонска батерија од 13.9kWh. Вкупната системска моќност е 265 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Сега за сега, купувачите ќе можат да одберат помеѓу 1.6-литарски четирицилиндричен бензински мотор со mild-hybrid технологија и моќност од 230 коњски сили или нов 2.2-литарски турбодизел со 200 коњски сили и 440 Nm вртежен момент кој е спарен со ново развиен 8-степен автоматски менувач со двојна спојка.

Благодарение на сите овие надградби, новиот Santa Fe нуди подобрено управување и поголема безбедност во возењето. Подобрена ќе биде и рафинираноста во кабината поради тоа што сега е поставена дополнителна изолација на сите места кои се чувствителни на вибрации.

More Stories
BMW ја претстави новата генерација на Серија 4 Coupe