Детална презентација на целосно новиот Range Rover

Range Rover моделот е на пазарот повеќе од 50 години, а за тоа време постојат четири генерации, така што оваа целосно ново петта генерација е значаен чекор за Land Rover. За прв пат до сега, иконскиот луксузен теренец на британската марка ќе биде достапен како plug-in хибрид и ќе има верзија со седум седишта.

Надворешниот дизајн е со помодерна еволуција на стилот на Range Rover. Напред, решетката е со нов изглед, стандардните дигитални LED фарови се поостри, а повеќето сензори на автомобилот за неговите системи за помош на возачот се вградени во панел на долниот дел во браникот за да се добие помазен и почист изглед. Ова исто така помага да се намали отпорот и да се подобри аеродинамичната ефикасност. Според директорот за дизајн на Land Rover, Massimo Frascella, дизајнот на новиот Range Rover се заснова на редукционизам, намалувајќи ги линиите и формите во каросеријата за да се добие еден нов стил на модерниот луксуз. Имајќи го ова на ум, ниту еден Range Rover нема да носи значка на багажникот за тоа каков мотор има или за нивото на опременост, додека алтернативите на кожа ќе бидат понудени во форма на „Kvadrat“ – технички Ultrafabric за подобрување на одржливоста. Сепак, стандардно сите модели ќе бидат опремени со кожа. Редукционизмот на дизајнот на Land Rover е јасен и на задниот дел, каде што може да се видат најголемите стилски промени за новиот автомобил. Задните светла и индикаторите се вградени во црн панел со цврст изглед кој е непроѕирен кога светлата не се вклучени.

Во профилот, Range Rover сè уште е дефиниран со три јасни хоризонтални линии. Првата е под вратите која сега се движи нагоре кон задниот дел, втората се оддалечува од хаубата на преклопот и е поостра од претходно, додека третата линија го одвојува „пловечкиот“ покрив на автомобилот. Тоа не е единствениот дизајнерски детал што е задржан, бидејќи новиот Range Rover сè уште може да се пофали со поделена врата од багажникот, додека инсертите на вратите еволуирале во дизајн во форма на буквата U. Ќе бидат достапни алуминиумски бандажи од 20 па се до 23-инчи, во зависност од спецификацијата.

Оваа петта генерација, ќе биде првиот Range Rover што нуди седум седишта. Новиот автомобил доаѓа во стандардна форма на меѓуоскино растојание со пет седишта, додека ако се одлучите за варијантата со подолго меѓуоскино растојание, можете да ставите и трет ред на седишта. Моделот LWB додава дополнителни 200 mm помеѓу оските на автомобилот, што ја олеснува новата конфигурација на седишта. Подобрената торзиона ригидност (до 50 проценти) благодарение на новата алуминиумска платформа значи дека инженерите на Land Rover успеале да ја зголемат големината на отворот на вратата, со цел да се подобри пристапот на влегување. SWB моделите доаѓаат со пет седишта, додека ако го ставите пакетот „Executive Class“, доаѓа со четири седишта. Поединечните седишта во задниот дел се достапни на SWB и LWB моделите, со што се подобрува просторот за колената за 44 мм, а има до еден метар простор за нозете кај LWB моделот со четири седишта. Овој пакет, исто така, додава контролер со екран на допир од 8-инчи во задниот дел на кабината, додека задните седишта се наведнуваат до 25 степени за да додадат уште поголема удобност и префинетост.

Багажниот простор и во SWB и во LWB верзиите со пет седишта изнесува 725 литри, со спуштени задни седишта се добива 1841 и 2601 литри, соодветно. Верзиите со седум седишта имаат на располагање 312 литри багажен капацитет, а доколку се спушти третиот ред на седишта се добива капацитет од 713 литри.

Новиот Range Rover доаѓа со најновиот Pivi Pro инфозабавен систем на Land Rover со нежно заоблен 13,1-инчен екран на допир. Од Land Rover велат дека 90 проценти од функциите се достапни во само два чекора од почетниот екран, а исто така има поголема поврзаност од кога било досега, со можност за over-the-air ажурирање на софтверот , интеграција на Amazon Alexa, Spotify и се разбира, Apple CarPlay и Android Auto со безжично поврзување. Пред возачот се наоѓа 13,7-инчен дигитален инстурмент кластер, додека како што би очекувале за еден врвен луксузен автомобил, купувачите можат да се одлучат за пакет кој додава уште два 11,4-инчни HD екрани на допир за патниците на задните седишта. Новата MLA-Flex платформа е исто така надополнета со паметна технологија за подобрување на префинетоста, удобноста при возењето и способноста на и надвор од патиштата.

Најголемата новост е дека новиот Range Rover ќе биде достапен со две plug-in хибридни погони. Првиот, со ознака P440e, комбинира 3.0-литарски шестцилиндарски турбо бензински мотор со батерија од 38,2 kWh (31,8 kWh употребливи) и електричен мотор со 143 коњски сили за вкупна комбинирана моќност од 440 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. Втората опција, со ознаката P510e, нуди поголема моќност од својот 3.0-литарски бензинец, но ја користи истата батерија и истиот електричен мотор, зголемувајќи ја вкупната комбинирана моќност на 510 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, обезбедувајќи време од 0 до 100 км/ч за 5.7 секунди. Максималната брзина која може да ја постигне при возење само на електрична енергија е 140 км/ч.

Заедничката електрификација на двете верзии значи дека хибридните модели на Range Rover можат да поминат до 100 километри со полна батерија. Регенеративното сопирање како дел од технологијата „brake-by-wire“ на новиот автомобил, исто така се одликува, додека целосната ефикасност допрва треба да се потврди. Вклучена е можноста за брзо полнење до 50 kW, така што полнењето до 80 проценти ќе трае помалку од еден час, додека целосното полнење на батеријата со користење на домашен wallbox полнач трае околу пет часа.

Покрај целосно електричниот EV режим, има избор на хибриден режим – стандардна поставка, која ги комбинира двата мотори и користи технологија за предвидлива оптимизација на енергијата, како и гео-оградување за да се осигура дека електричниот погон е достапен во зоните кои имаат задолжителни ниски емисии, како и режимот Save. Оваа последна поставка зачувува енергија во батериите, за користење во одредени ситуации.

Достапен е и уште еден 3.0-литарски турбо бензински mild-hybrid мотор со 400 коњски сили, како и две дизел опции. Моделите D300 и D350 користат 3.0-литарски мотори и нудат 300 и 350 коњски сили, соодветно.

На врвот на понудата се наоѓа нов 4.4-литарски бензински V8 твин-турбо агрегат, кој нуди 530 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Благодарение на Dynamic Launch системот, спринтот од 0 до 100 км/ч се постигнува за 4.6 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 250 км/ч.

Сите погонски единици се поврзани со осум-степен автоматски менувач со low-range способност и системот за погон на сите четири тркала на Land Rover со Terrain Response 2 технологија што го приспособува погонот на различни површини, додека новиот интелигентен систем за погон на сите тркала може да ја исклучи предната оска помеѓу 35 и 160 километри на час за да се добие поголема ефикасност.

Terrain Response 2 системот нуди шест различни режими за возење во теренски услови, како и Wade mode кој го подигнува телото на автомобилот и може да помине во вода која е со длабочина до 900 мм.
Новата активна Dynamic Response Pro 48v технологија помага автомобилот да остане што е можно поправ и да не се навалува во свиоци, подобрувајќи ја стабилноста и удобноста на патниците, особено при голема брзина.


Поставен е и нов активен систем за бучава со пет пати поголем опсег од претходните системи и електронско воздушно потпирање со превентивна технологија што користи податоци од навигацијата за да го постави автомобилот за патот по кој се движите. Стандардно е опремен и со систем за вртење на сите четири тркала, со што задните тркала се вртат во спротивна насока од предните до седум степени при помали брзини за да му даде на повеќе од пет метри долгиот Range Rover круг на вртење од 10,95 метри.

Уште од самиот почеток, достапна е и специјална ултра-луксузна SV изведба која добива поголем потенцијал за персонализација и различни детали за дизајнот. Достапни се две теми на дизајн – SV Serenity и SV Intrepid. Првиот се одликува со метално обложена завршница за решетката во Atlas Silver боја, како и акценти од Corinthian Bronze боја. Натписот на Range Rover е исто така во Corinthian Bronze боја со сребрени сатенски детали – дизајниран да ја покаже елеганцијата на автомобилот. Втората, SV Intrepid е поспортски ориентирана верзија и повеќе фокусирана на возачот, а сите детали се во темна црна боја наместо бронзена.

За врвен луксуз, купувачите можат да се одлучат за SV Signature Suite, кој доаѓа само во конфигурација со четири седишта и додава подигната централна конзола што тече низ задниот дел на автомобилот. Овде има маса што се повлекува во центарот, како и фрижидер за пијалоци и две кристални чаши за шампањ помеѓу задните седишта.