Автомобилите на Maserati за македонскиот пазар отсега се достапни во ReDrive 

ReDrive е новиот застапник за брендот Maserati, па отсега македонските купувачи ќе можат да си го нарачаат својот нов автомобил од Maserati токму во ReDrive. Наскоро ќе биде пуштен во употреба и официјален продажен салон како и официјален сервис. А сега премиерно пристигна и целосно новиот Maserati Grecale.

Новиот Grecale е најмалиот SUV модел во понудата на брендот и многу луѓе го чекаа овој автомобил, но без сомнение најмногу му беше потребен на Maserati. Брендот знае дека во денешно време добар SUV е гаранција за успех. Така, Италијанците вложија многу време и искуство за нивниот нов производ да остави сензационален впечаток. Така и е – Maserati Grecale изненадува на многу начини. 

Иако изгледа доста „компактно“, Grecale e далеку од таков автомобил. Должина изнесува 4.846 мм, ширината 1.979 мм, висината е 1.670 мм и меѓуоскиното растојание е 2.901 мм, што сугерираат многу простор во внатрешноста. Основата овде е Giorgio платформата која е целосно обновена. 

Новиот дизајн на автомобилите на Maserati беше претставен заедно со моделот MC20. Grecale го следи овој пат, иако го толкува на свој начин. Сепак, не може да се негира дека во сето ова има многу италијански стил и класична елеганција. Едноставните и елегантни линии овде се комбинираат со облините типични за Maserati. Дизајнерите создадоа навистина интересен комплет кој ќе ги привлече погледите не само на љубителите на италијанскиот автомобилизам.

Ајде да погледнеме внатре – тука владее врвна кожа, врвни материјали и четири екрани. Maserati Grecale располага со интригантна пилотска кабина со сосема нов концепт на дизајнот. Покрај дигиталната инструмент табла, на централната конзола има и два екрани – едниот за инфозабавниот систем, додека другиот под него е наменет за контролите на клима уредот. Четвртиот екран е всушност дигиталниот часовник во горниот дел на контролната табла.

Италијанците се залагаат за највисок квалитет на завршна обработка и тоа се приметува веднаш што седнете зад воланот. Материјалите се избрани во типично италијански стил, што гарантира уникатен карактер во кабината на автомобилот. Шлаг на тортата е и озвучувањето обезбедено од Sonus Faber.

Maserati Grecale е достапен во четири различни верзии и со три различни погонски единици. Освен со бензински мотори, Grecale ќе биде достапен и во целосно електрична верзија, но за тоа ќе зборуваме во некоја наредна прилика. 

Понудата започнува со GT верзијата, а токму таков е конкретниот примерок кој е пристигнат. Под хаубата тука се наоѓа 2.0-литарски турбо-бензинец веќе познат од Ghibli и Levante. Моторот е дополнително поддржан од 48V mild-hybrid систем. Вкупната моќност изнесува 300 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, додека забрзувањето до 100 км/ч трае 5.6 секунди и има максимална брзина од 240 км/ч. Ова ќе обезбеди добар компромис помеѓу перформансите и потрошувачката на гориво.

Втората верзија е Modena, која го користи истиот 2.0-литарски мотор, но тука испорачува 330 коњски сили – вртежниот момент останува ист на 450 Nm. На врвот на понудата е верзијата Trofeo која користи 3.0-литарски V6 Nettuno мотор, познат од моделот MC20. Вкупната моќност тука е 530 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 км/ч трае 3.8 секунди и постигнува максимална брзина од 285 км/ч. 

Сите верзии се со погон на сите четири тркала и 8-степен ZF автоматски менувач.

За повеќе информации околу возилата на Maserati посетете го објектот на ReDrive.