Audi SQ7 го доби својот фејслифт

Audi ја претстави новата перформанс верзија на нивниот најголем SUV модел- SQ7 TDI. Новиот модел доаѓа со mild-hybrid дизел мотор, голем број надградби на шасијата, како и бројни измени на надворешниот и внатрешниот изглед.
Од надвор, новиот SQ7 го добива вообичаениот S-Line третман со поагресивни браници напред и назад, поголеми странични прагови, 20-инчни бандажи, сребрени ретровизори и четири хромирани издувни цевки.

Во ентериерот, SQ7 добива 12.3-инчен дисплеј за инструмент таблата, 8.3-инчен дисплеј за infotainment системот заедно со поддршка за Amazon Alexa, Android Auto и Apple CarPlay, педали од нерѓосувачки челик и може да одберете помеѓу кожни или алкантара спортски седишта. Како опција достапни се- карбон трим во ентериерот, Bang & Olufsen премиум аудио систем, четири зонска автоматска клима, Matrix LED предни светла, soft-close затворање на вратите и многу друго…

Моторот кој го користи овој нов модел е истиот битурбо V8 дизел мотор како во новиот SQ8, кој произведува 435 коњски сили и 900Nm вртежен момент. Исто така, опремен е со електричен компресор од 48 волти, кој им помага на двата турбополначи. Компресорот се напојува со истата 48V литиум-јонска батерија што го напојува и mild-hybrid системот. Составен од алтернатор/стартер и систем за зачувување на енергијата, може да го придвижува SUV моделот со брзина до 23 км/ч и да зачува до 8kW енергија при намалување на брзината.

SQ7, од 0 до 100 км/ч забрзува за 4.8 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 250 км/ч. Според Audi овој мотор треба да биде и доста економичен, официјалната комбинирана просечна потрошувачка е околу 7 литри на 100 изминати километри. Моторот е впарен со 8-степен автоматски менувач и спортски диференцијал на сите четири тркала. При големи брзини во кривини, диференцијалот активно ја дистрибуира моќта на моторот помеѓу задните тркала, со што Audi вели дека ова помага за да се намали “understeer”. Промените на шасијата во споредба со стандардниот Q7 вклучуваат- поголеми дискови и шепи за кочниците и спортска воздушна суспензија. Како опција достапни се карбон керамички кочници, активен електромеханички систем за стабилизација и управување со сите четири тркала.