Audi претстави нови лимитирани пакети – Competition и Competition Plus за RS 4 Avant и RS 5, дизајнирани да го откријат целосниот потенцијал на шасијата со погон на четири тркала. Двата модели продолжуваат да произведуваат 450 коњски сили и 600 Nm вртежен момент од истиот 2.9-литарски V6 мотор со два турбо полначи, но треба поефективно да ја искористат таа моќ благодарение на надградбите.
Двата модели добиваат мноштво козметички промени кои вклучуваат црна надворешна декорација со опционални елементи од карбон, заедно со седишта кои се во комбинација на кожа и алкантара. Добиваат и волан и менувач обвиени во алкантара, како и специјални RS Competition ознаки на праговите. Competition моделите сега доаѓаат и со 20-инчни Diamond-cut бандажи обвиени во Pirelli P Zero Corsa пневматици. Дополнителната влечна сила што ја обезбедуваат намалува две десетинки од времето за забрзување од 0 до 100 км/ч кај RS 4 и сега трае 3.9 секунди. Додека RS 5 Competition го завршува спринтот за 3.8 секунди.
Секој модел добива погласен спортски RS издувен систем, а Audi отстрани 8 килограми од изолацијата за да овозможи поголема бучава од моторот во кабината. Competition пакетот, исто така, ја зголемува максималната брзина на 290 км/ч, во споредба со максималните 250 км/ч на стандардните RS 4 и RS 5.
Ревидиран е и динамичкиот систем за управување, а Competition Plus моделите добиваат нов quattro спортски диференцијал дизајниран да обезбеди позабавен баланс при управувањето. Софтверот на менувачот, исто така е рекалибриран за да овозможи побрзо менување, а калибрацијата на ABS системот е дотерана за да работи во тандем со новите пневматици. Ревизиите го скратуваат растојанието за сопирање од 100 км/ч за два метри во споредба со стандардните автомобили.
Дополнително, Competition Plus моделите носат и механички ревизии, центрирани околу новиот систем за суспензијата. Со поцврсти пружини и тринасочни прилагодливи амортизери, се тврди дека овој сетап обезбедува подобрена контрола на телото и прецизност при возење, особено кога се комбинираат со нови, поцврсти anti-roll барови. Новата суспензија обезбедува 10 мм помала висина, иако тоа може рачно да се зголеми и до 20 мм.






















