Ова е новиот Coupe SUV модел на Audi, а многу луѓе го нарекуваат “baby Q8”.
Q3 Sportback има многу сличен изглед со стандардниот Q3, но добива голем број на нови елементи на надворешниот дизајн. Најочигледната промена е косиот покрив со кој се менува цел заден дел. Кровните шини се тргнати и сега е поставен спојлер над задното стакло. Добива и целосно нов заден браник кој има појасен изглед и редизајнирани отвори за воздух. Исто така, Sportback моделот е за 3 сантиметри пократок во споредба со стандардниот модел. На предниот дел, поставена е решетка со 3D ефект и е во jet-black црна боја, додека стандардниот Q3 користи хромирана декорација.
Внатрешноста на Q3 Sportback останува исто голема како и кај стандардниот Q3, но има неколку значајни разлики. Формата на Coupe моделот назад е малку потесна, но Audi тврди дека на задната клупа може удобно да седат тројца возрасни луѓе. Сепак поради понискиот покрив може да има намален простор за главата. Sportback моделот има иста големина на багажник како и стандардниот модел со капацитет од 530 литри. Естетски, целиот ентериер е скоро идентичен со стандардниот Q3. Добивате 10.1-инчен дисплеј за infotainment системот и 10.25-инчен дисплеј за инструмент таблата, додека поголемиот 12.3-инчен виртуелен кокпит е достапен како опција. Новиот Q3 Sportback добива и нови технологии како што се, персоналниот асистент Alexa на Amazon заедно со гласовни команди, како и систем кој ги чита семафорите и Ве предупредува.
На почетокот, достапни ќе бидат еден бензински и два дизел мотори.
Бензинецот е 2.0-литарски TFSI со 230 коњски сили и ја носи ознаката 45 TFSI, а стандардно доаѓа со Quattro погон и 7-степен автоматски менувач. Кај дизелите, достапен е 2.0-литарскиот TDI во две верзии. Послабата верзија ја носи ознаката 35 TDI и има 150 коњски сили, а појаката верзија е со ознака 40 TDI и има 190 коњски сили- тука стандардно доаѓа со Quattro погон и автоматски менувач, додека послабата верзија има преден погон и мануелен менувач. Подоцна во понудата ќе биде достапен и mild-hybrid 1.5-литарски турбо бензински мотор кој користи батерија од 48 волти. Стандардно ќе доаѓа со преден погон и мануелен менувач, но како опција ќе може да одберете Quattro погон и S-Tronic автоматски менувач.
Q3 Sportback доаѓа со Audi drive select системот, кој ви овозможува да изберете помеѓу шест различни режими на возење кои го контролираат автомобилот како да се однесува на патот. Овој систем прилагодува сè, од амортизерите до одзивот на управувачот и цврстината на суспензијата, овозможувајќи да одберете помеѓу удобно, спортско или off-road возење.















