Peugeot ја претстави новата генерација на малиот SUV, моделот 2008.
Новиот 2008 го добива дизајнот како и сите други најнови модели на брендот, а особено има многу слични дизајнерски детали со новиот 208. Поставен е на новата CMP платформа на PSA групацијата. Во споредба со претходниот модел, новиот 2008 е за 140мм подолг, 30мм поширок и меѓуоскиното растојание е зголемено за 60мм. Исто така, по претставувањето на е-208, ова е вториот електрифициран модел во гамата на Peugeot. Како и секој модел на Peugeot, достапни се четири нивоа на опременост- Active, Allure, GT Line и GT.
Ентериерот е комплетно променет и новиот 2008 е меѓу првите модели кои го добива новиот 3D i-cockpit систем на Peugeot. Сега е вклучена холографска технологија za head-up дисплејот и покажува конкретни информации за моторот како и многу други битни информации. На горниот дел од централната конзола поставен е 10-инчен дисплеј за infotainment системот кој може да биде опремен со TomTom 3D навигација. Сите нови 2008 возила доаѓаат стандард со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto.
Спектарот на мотори вклучува три бензински и еден дизел мотор. Сите три бензински мотори се 1.2 PureTech, но со различна моќ- 100, 130 и 155 коњски сили. Дизелот е 1.5 BlueHDi со 100 коњски сили. Достапен е и мануелен и автоматски менувач.
Најбитната новост е електричната верзија, наречена е-2008. Оваа верзија користи батерија од 50 kWh(ист капацитет како и кај е-208) а со едно полнење може да помине до 310 километри, што е за неколку километри помалку од опсегот кој може да го помине помалиот е-208. Електромоторот во овој модел располага со 136 коњски сили.
Според Peugeot, полнењето на батеријата од скроз празна до 80 проценти ќе трае 30 минути со користење на брзо полнење од 100 kW, но тоа време се зголемува на пет часа со полнач од 11 kW или осум часа ако ја полните со полнач од 7,4 kW.










