Mercedes-Benz GLB е целосно новиот, фамилијарен SUV модел во гамата на Mercedes и е позициониран помеѓу GLA и поголемиот GLC.
GLB е поставен на новата MFA2 шасија на која што се поставени и новата А-Class, B-Class и CLA, но меѓуоскиното растојание е за 10cm подолго, а тоа резултира со повеќе простор во кабината. Должината на возилото е 4,63 метри и е само 22мм пократок од GLC.
За да се добие таа поголема практичност, возилото има малку коцкаст изглед, а според мене изгледа многу кул и невообичаено.Пластиките над тркалата се поставени за да ги прикрие големите крила кои ги има и со тоа да ја покаже својата висина, GLB е малку повисок од GLC. Овој модел на Mercedes е дизајниран да биде достапен со опција за седум седишта, а на третиот ред седишта удобно ќе може да се сместат и поголеми луѓе. Исто така, шесттиот и седмиот патник имаат место каде што можат да си ги остават своите паметни телефони, како и USB-C приклучоци за да може да ги полнат. Верзијата со пет седишта има багажен простор од 560 литри, а доколку ги спуштите и задните седишта добивате 1.755 литри. Во верзијата со седум седишта, ако се користи и третиот ред на располагање имате само 130 литри.
Во внатрешноста, GLB го добива новиот MBUX infotainment систем кој го имаат сите нови модели на брендот, со можност за два големи дисплеи, вклучувајќи централен екран на допир и гласовни команди. Помеѓу предните седишта има три USB-C приклучоци за поврзување и полнење на паметен телефон, како и поддршка за Android Auto и Apple CarPlay. Целиот ентериерот е многу сличен како во новата А-Class, доста луксузен и перфектно изработен.
Достапни се два бензински мотори, GLB 200 и 250, како и два дизел мотори, GLB 200 d и 220 d, сите овие мотори се со четири цилиндри и најверојатно GLB нема да биде достапен со појаките мотори со шест цилиндри. Освен entry-level бензинецот кој доаѓа со 7-степен автоматски менувач, сите други верзии добиваат 8-степен автоматски менувач со двојна спојка.
Моделите со бензински мотор ќе бидат достапни само со погон на предните тркала, додека кај GLB 200 d моделот може да одберете погон на предните тркала или 4MATIC погон на сите четири тркала. GLB 220 d е достапен само со погон на сите четири тркала. Моделите со погон на сите четири тркала добиваат дополнителен “off-road” режим на возење, кој влијае на одзивот на педалата за гас и управувачот, исто така добиваат и hill-descent опција, како и темпомат за ниски брзини.
GLB ќе се произведува во фабриката на Mercedes во Мексико, а продажбата се очекува да започне при крајот на оваа година.













