Renault го претстави новиoт фејслифт модел на Koleos

Големиот SUV модел Koleos го доби својот фејслифт.Новитетите кај фејслифт моделот се малку променет надворешен дизајн, обновен ентериер со нов infotainment систем и два нови дизел мотори.

Промените кои ги има надворешниот дизајн се мали и можеби не толку приметни, но сепак ги има.Добива нова предна решетка, нов преден и заден браник на кој сега е поизразен дифузерот, нови хромирани странични прагови. LED предните светла сега се стандард на сите модели, а купувачите ќе можат да одберат нови двобојни алуминиумски бандажи и нова ‘Vintage Red’ металик боја.

Ентериерот, исто така е малку обновен и добива нови материјали кои се меки на допир, нови опции за тапацирот на седиштата и уште некои ситни детали. Infotainment системот е достапен со 7 или 8.7-инчен дисплеј, а Renault го ажурираа и целиот софтвер на системот и поврзувањето на вашиот паметен телефон преку Apple CarPlay сега се прикажува на целиот екран. Дел од стандардната опрема која ја добивате вклучува- адаптивен темпомат, двозонски клима уред, амбиентално осветлување, задна паркинг камера, keyless entry и уште многу друго…

Првиот од двата нови дизел-мотори е 1.8-литарскиот четирицилиндричен мотор со 150 коњски сили и 340Nm вртежен момент. Стандардно доаѓа со CVT автоматски менувач и е достапен само со погон на предните тркала.
Вториот е комплетно нов 2.0-литарски четирицилиндричен дизел мотор со 190 коњски сили и 380Nm вртежен момент. Исто така, стандардно доаѓа со CVT менувач, но за разлика од 1,8-литарскиот мотор, тука стандардно доаѓа со погон на сите четири тркала.