Првично претставен на саемот за автомобили во Женева оваа (2019) година, новиот Audi Q5 55 TFSI е, е директен ривал на BMW X3 xDrive30e.
Овој автомобил е придвижуван од 2.0-литарскиот турбо бензински мотор “спарен” со електричен мотор, со што се добива комбинирана моќ од 367 коњски сили. За целата оваа сила да биде пренесена до тркалата задолжен е 7 степениот авоматски менувач, кој ја распределува кон сите 4 погонски тркала. Сето ова резултира со импресивни 5.3 секунди до 100km/h и крајна брзина од 238 километри на час.
За сите оние кои се грижат за околината, ова е примамлива замена за електричните тротинети затоа што овој автомобил може да помине до 42 километри со помош на вградената батерија од 14.1kWh при максимална брзина до 135km/h. Дури и кога бензискиот мотор ќе има потреба од интервенција, Audi тврди дека потрошувачката е импресивни 2.5 литри на секои изминати 100 километри.Овие цифри во поглед на економичноста се достигнати со помош на новиот Quattro систем на Audi, кој зависно од потребата може да го исклучи погонот на задните тркала.
Во денешно време голем дел од производителите нудат “driving modes” во своите автомобили, со што возачот може да го прилагоди возилото према неговите желби. Најчестите модови кои ги сретнуваме се Sport, Normal и Eco. Она по кое овој модел на Audi се издвојува е “Hybrid” модот, кој во синергија со навигацискиот систем во возилото паметно ја распределува искористеноста на електричната енергија фокусирајќи ја во населени места и за време на сообраќајни метежи. Електричниот мотор има можност за регенерација во движење со што при благо притискање на кочницата се регенерира електричната енергија, резултирајќи со зголемена километража помината со помош на батеријата.
Audi, со цел да ја зголеми привлечноста на овој модел, го почасти со стандарден целосен S-Line пакет на надворешноста, 20 инчни алуминиумски фелни, дигитална инструмент табла, 8.3 инчен infotainment system и предни спортски седишта со електрично подесување и греење. Би било одлично кога Audi би биле секогаш вака расположени, нели!?





