Претставен фејслифт моделот на MINI Clubman

MINI ја претстави фејслифт верзијата на Clubman која има малку преработен екстериер, повеќе стандардна опрема и нови опции за персонализација.Слично како и кај малиот редизајн на MINI Cooper, минатата година, новиот Clubman нема некои преголеми промени туку едно мало дотерување за да изгледа посвежо.Има нови 16 или 17 инчни алуминиумски бандажи, преработена е предната решетка, нови LED фарови, како и нови “Union-Jack” LED задни светла.

Купувачите, исто така, ќе можат да одберат Matrix LED фарови, кои автоматски ја прилагодуваат нивната осветленост според сообраќајните услови.Оваа надградба на возачот му овозможува зголемен опсег на светлина на патот(слично како со уклучени долги светла), а притоа избегнувајќи го ефектот на заслепување на возачите кои доаѓаат од спротивната насока. Новиот Clubman сега доаѓа и со повеќе стандардна опрема, вклучувајќи го 6,5-инчниот дисплеј за infotainment системот, сателитска навигација, Apple CarPlay, информации за сообраќајот во реално време и ‘Excitement’ пакетот- кој додава MINI брендирани светла, осветлени рачки на вратите како и прилагодливо амбиентално осветлување во кабината.

Дополнителната опрема која е достапна вклучува поголеми алуминиумски тркала, адаптивна суспензија, премиум Harman Kardon аудио систем, голем број на надворешни John Cooper Works панели, спортски седишта, Head-Up дисплеј и MINI Navigation Plus Pack кој доаѓа со поголем 8,8 инчен дисплеј , подобрен Bluetooth и безжичен полнач за паметен телефон.
На почетокот ќе бидат достапни пет мотори, а купувачите ќе можат да одберат помеѓу 1,5-литарски трицилиндричен турбо-бензински мотор со 102 коњски сили, 1,5-литарски трицилиндричен турбо-бензинец со 136 коњски сили, 2,0-литарски четирицилиндричен турбо-бензинец со 192 коњски сили или 2,0-литарски четирицилиндричен дизел со 150 или 190 коњски сили.Сите овие мотори се достапни со 6-степен мануелен менувач или со 7-степен автоматски менувач со двојна спојка.Исто така, како опција достапен е и ALL4 погонот на сите тркала.Најмоќниот бензински мотор до 100 километри на час забрзува за 7,3 секунди и има максимална брзина од 205 километри на час.